Акција број 2 од серијалот #ајдеситенапланина – одиме по јужната страна на Водно од Горно Соње. Патеката завршува на врв на Водно – Крстовар.
Патеката до врв на Водно е долга 4 км., додека пак подарокот се наоѓа на 1,5 км. од стартот. Патеката е блага и лесно совладлива за сите возрасти. За ралика од останатите патеки кои ви се добро познати од северната страна на Водно, оваа патека изобилува со сонце преку целиот ден, слабо е посетена и изобилува со прекрасни пејсажи кон Јакупица. Ова е нашата омилена патека на Водно: место за паркинг, без гужви, прекрасни пејсажи на Јакупица, сончева преку целиот ден.
Локација
Патеката започнува од село Горно Соње – црква Св. Никола. Од Скопје до Горно Соње ве делат приближно 25 км. добар асфалтиран пат преку Сопиште. Кога ќе пристигнете во Долно Соње, вртите десно кон Горно Соње, јасно обележано со знак, и го паркирате возилото во близина на црквата Св. Никола. Продолжувате пеш нагоре низ селото до информативната табла каде се делат две палнинарски патеки кон Крстовар, првата десно која е пократка и пострмна и втората лево која е подолга и поживописна. На следниот линк се опишани двете патеки ЛИНК.
Колибата на Ивица и Марица
Патеката започнува веднаш од информативниот знак каде се движите по земјен широк пат. На неколку стотина метри се наоѓа еден од ретките извори на вода на Водно, и веднаш по изворот започнува планинарска патека која се двои од земјениот пат кон десна страна. Патеката се движи по изохипса и потоа навлегува во зимзелена шума.
Подарок
На крајот од шумата по изминати 1,5 км. од десната страна на патеката постои земуница, односно разрушената колиба на Ивица и Марица. Подарокот е тука, јасно обележан на еден камен.
Дополнителни патеки
Доколку се чувствувате физички подготвени, авантурата можете да ја продолжите кон врвот Крстовар. По точно изминати 2,5 км., патеката се спојува со широк земјен пат кој води до врвот на Водно (всушност патеката која води до Матка).
Временска прогноза
Викендов (30.09.-01.10.2023), времето ќе биде супер – сончево со температури до 27 степени.
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина: