• Должина во правец: 11 км
  • Тежина: 6/10
  • Време на искачување: 4,5 часа
  • Искачување со деца: 5 часа
  • Висинска разлика: 700 м
  • Почетна точка:

    с. Зовиќ

Помош за навигација: повеќе во Совети
Карта со сите патеки

Камени мост – камен лачен мост кој ја премостува Градешка Река во непосредна близина на селото Зовиќ. Тој бил изграден заради поврзување на населението со населените територии од другата страна на реката, односно со селата: Старавина, Градешница, Бешиште и Полчиште. Се смета за едно од најубавите архитектонски зданија во Мариово. Во средниот век, на местото на денешниот камен мост веројатно постоел дрвен мост. Во 1952 година, некој селанец со претоварена воловска кола поминувал преку мостот, кој се преполовил, а селанецот и воловите паднале во реката и тој се здобил со трајни повреди на ‘рбетот. Тогаш селаните одлучиле да се изгради нов мост и со здружени заложби на месното население, камениот мост бил изграден во 1955/6 година, а мајстор бил извесен Ѓуладин (Џуладин), со потекло од селото Лабуништа, потпомогнат од Трајко Секирков. Во 2014 година, мостот бил поправен и обновен од страна на Општина Новаци.

Куќа на Калеш Анѓа – куќа во селото Старавина од којашто потекнува македонската хероина Калеш Анѓа. Калеш Анѓа потекнувала од родот Сирмевци, кои живееле во маалото во коешто денес се наоѓа куќата, па така кај месното население куќата станала позната како „Куќата на Калеш Анѓа“. Куќата претставува традиционален тип на градба со правоаголен облик, ѕидана од дрво, камен и кал, со функционална и симболичка поделба на горен и долен дел. Горниот дел служел за домаќинството, а долниот за чување на стоката. Особено впечатлив дел од куќата е отворениот чардак. Преданието за Калеш Анѓа е овековечена во истоимениот роман на Стале Попов. Според преданието, убавата девојка Анѓа, одбивајќи да се потурчи, на сила била грабната и однесена кај бегот во Прилеп. Тогаш, разгневените жители на мариовските села се обединиле и отишле во Прилеп за да ја вратат Анѓа дома. Понатаму, тие се засолниле во тврдината Пешта, каде што живееле под опсада десет години, сè додека една баба не ги предала. Потоа, преданието вели дека Анѓа завршила во Истанбул, каде што го сретнала својот брат близнак Анѓеле, кого го препознала по белегот на ногата, а тој ја вратил назад во селото. Приказната за грабнувањето на Калеш Анѓа се смета за повод на кревањето на Мариовско-прилепската буна од 1564-1565 година.

Пешта или Градиште – археолошко наоѓалиште и тврдина во близина на селото Старавина. Според некои докази, Пешта потекнува од периодот на владеењето на античкомакедонските владетели, поточно од IV век п.н.е. На местото постоел и град кој е поврзан со преданието дека тоа е родното место на кралот Филип II, имајќи го предвид историскиот податок дека тој слегол од планините и потоа ја изградил престолнината Пела, а најблискиот планински масив северозападно од Пела оној во мариовскиот крај. Во отоманскиот период, тврдината Пешта е местото каде што се засолниле жителите на мариовските села по враќањето на Калеш Анѓа и во неа останале под опсада десет години. По Мариовско-прилепската буна од 1564-1565 година, тврдината ја изгубила својата оригинална намена. Денес, тврдината е разрушена, што во голема мера се должи на бомбардирањето во текот на Првата светска војна.

Темничкиот вир е тој дар од природата, кој ги носи сите овие многубројни епитети. Откако ќе влезете во селото Градешница, од вашата лева страна, после мостот, се наоѓа најпрвин ,,Долноомалскиот вир‘‘, а погоре, во непосредна близина на црквата ,,Св. Спас‘‘, се наоѓа и ,,Темничкиот вир‘‘. Истите се образувани од Градешка река, која извира на планината Козјак на 1600 м.н.в, а се влева во Црна река. Студенилото, бистрината и сјајот ја прават оваа река посебна и навистина ретка природна убавина.

Темнички вир е омилено место за разладување на локалното население, но и на големиот број посетители во летниот период. Иако реката е доста студена, сепак голем број од посетителите ја користат за капење и уживање во живописната природа. Поради тоа што, нејзиното течение нема никаков вештачки фактор кој би ја загадил, населението реката ја користи и за пиење. Покрај него, од особено значење и посебен интерес е Долномаалскиот вир, исто така омилено место за разладување и рекреација. Претставува вир или капалиште, создаден од студената и бистра Градешка река, одличен за одмор на целото семејство.

Извор: Wikipedia

Тура

(во подготовка)