Акција број 3 од серијалот #ајдеситенапланина – одиме на Матка во посета на Манастирот Свети Никола Шишевски.
Иако можеби малце подзаборавен од домашни посетители, кањонот Матка е едно од магичните места во непосредна близина на Скопје. За оваа акција одбравме лесна патека која води до Манастирот Свети Никола Шишевски. Тоа е всушност дел од патеката Водно – Матка. Манастирот е идеално позициониран над кањонот и нуди прекрасни погледи кон Осој планина и стрмните карпести делови.
Важно
Матка е можеби едно од најпосетени туристички атракции во Македонија. Затоа внимавајте бидејќи во одредени периоди од денот, пристапот со возило е невозможен – гужва од епски размери. Наша пепорака: појдете рано наутро најдоцна до 07:30 часот, или ако сте спанковци, оваа тура да ја планирате за попладневните часови – по 15:00 часот.
Локација
Манастирот Свети Никола Шишевски е сместен високо на една зарамнета тераса на карпите, над десниот брег над вештачкото езеро Матка над реката Треска. Теренот е недостапен за моторни возила и планински велосипеди и е единствено достапен пеш од три правци: од мостот на реката Треска во близина на кајакарските терени кај манастирот Света Богородица во Долна Матка (половина час пешачење); од селото Шишево (1 час); како и од врвот на планината Водно (2 часа и 30 минути).
Нашата патеката започнува од пешачкиот мост на реката Треска во близина на црквата Св. Богородица – Матка. Од Скопје до Матка ве делат приближно 15 км. добар асфалтиран пат преку Сарај и Глумово. Откако ќе го поминете мостот, одберете ја патеката која води десно, далеку полесна и пократка од левата опција. Патеката е во вкупна должина на 2,2 КМ и ќе ви бидат потребни 45 мин. до 1 час за да пристигнете во манастирот. Иако вкупната висинска разлика која ја совладувате изнесува 250 м., сепак на одредени секции постојат карпести и стрмни делови, но истите се кратки и лесно се совладуваат.
Манастир Свети Никола Шишевски
Манастирот нуди магични погледи кон соседната Осој планина и кањонот Матка. Во рамките на манастирот има вода за пиење и неколку летниковци со дрвени маси и клупи. Наша препорака: понесете со себе храна и пијалоци бидејќи на уживањето му нема крај. Ние на неколку наврати во минатото си понесовме ручек и пијалоци за целодневно уживање.
Подарок
Подарокот е сокриен веднаш до влезот на црквата позади еден камен поставен во еден потпорен ѕид од плочести камења и е јасно обележан.
Дополнителни патеки
Доколку се чувствувате физички подготвени, авантурата можете да ја продолжите и да се вратите по сосема нова патека – вистинска авантура. Патеката се симнува веднаш до вештачкото езеро спроти црквата Св. Андреја. Бидејќи тука нема мост, на една дрво е поставена железна табла и чекан – се што треба да направите е силно да чукнете на таблата за да ве слушнат такси чуновите од спротива кои ќе ви обезбедат сигурен премин преку езерото (понесете 50 – 100 МКД по човек).
Повеќе детали за оваа патека како и за други планинарски патеки на Матка може да пронајдете на следниот ЛИНК.
Временска прогноза
Викендов (07 – 08.10.2023), времето ќе биде супер – сончево со температури до 25 степени.
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина: