с. Нежилово – ПД Чеплес
ПД Чеплес – врв Солунска Глава
Ееее тука сме: Јакупица и Солунска Глава – места кои ни го поматија умот. Планина која не е од оваа планета… А најмалку веруваш дека си во Македонија.
За жал, прилично непристапен предел: ви требаат најмалку два дена за наједноставните тури. Тоа значи дека мора да испланирате каде ќе преноќите. И кога ќе додадете две деца на сето тоа, работите стануваат интересни. Доколку немате искуство со тури кои траат повеќе од еден ден, топло ви препорачуваме да совладате неколку други поедноставни, па да се вратите назад на овој пост. Што би рекол чичко Буран: „имате уште фурни леб да јадете“.
Патеката започнува веднаш од рибникот во с. Нежилово. До рибникот, патот е асфалтиран и во добра состојба. Доколку доаѓате со автомобил, паркирајте малку подалеку од рибникот, бидејќи е популарно место и доста посетено за викенди.
Тура 1: с. Нежилово – ПД Чеплес
Го оставаме кафанскиот џагор во позадина и се движиме по земјен пат. Во далечината се слуша жуборот на реката Бабуна. Постојат две опции: директна планинарска патека која е пократка (5 км) или земјен пат кој е подолг (11 км) и ве води покрај изворите на реката Бабуна. Се движиме по земјениот пат за ПД Чеплес бидејќи овој дел одлучивме да го поминеме со велосипеди. На самата патека постои ознака „Изворите на реката Бабуна“ (вреди да се посети). Внимавајте на вашиот ГПС уред бидејќи дрвосечачите за свои потреби отвориле неколку нови патеки кои можат да ве наведат да се движите во погрешна насока (тоа и ни се случи – тогаш немавме Garmin). Вода буквално извира од неколку карпи покрај патот. Бидејќи го згрешивме патот, набрзо почна да се стемнува и додека мама и тато се „натегаа“ дали да продолжиме или не, караницата ја слушнаа ловџиите „Бабунските Рисови“ – спасителите на нашата дводневна тура!! Не ни се веруваше кога на смешка ни кажаа дека не би било ништо чудно да налетаме на мечка штом се стемни, затоа што баш пред некој ден во утринските часови ги разбудила баба Меца која барала храна во нивната куќичка. Ние дојдовме токму за време на нивниот ручек (погодете што печеа под вршник? Нормално, тоа што уловиле- дива свиња:)) Нè нагостија и со теренско возило во ноќта нè пренесоа до планинарскиот дом Чеплес. Благодарни сме им до небо!
Тура 2: ПД Чеплес – Солунска Глава
Вториот ден правиме пауза на Чеплес. Имате две опции за ноќевање: класика во соба со повеќе планинари, но и посебен апартаман со сопствен тоалет – луксуз на планина. Домот е на одлична локација, надвор има дрвени маси и клупи за седење и бевме супер задоволни кога ја користевме заедничката кујна. Третиот ден стануваме рано и поаѓаме за Солунска. Кога имате мисија- искачување на врв повисок од 2000 мнв, тргнувањето мора да е во раните утрински часови, за да го „освоите“ врвот околу 12 часот најдоцна, па веднаш назад, за да не ве стемни или да се случи нагла промена на времето, што е сосема нормално на таа висина. Поминуваме дел кој е обраснат со папрати и навлегуваме во можеби единствената македонска прашума. Убавината на оваа шума е единствена: букови, грандиозни високи дрвја гушнати шепотат едно до друго… Тука патеката се дели на летна и зимска опција поради опасноста од лавини на врвот Бабина Дупка во зимскиот период. На крајот од шумата полниме вода на изворот и тука започнува вистинското искачување кон Солунска Глава. Поминуваме покрај долна Бабина Дупка (1.680 м), горна Бабина Дупка (2.100 м) и се движиме по сртот од каде се гледа врвот. Призорите се магични – навистина човек снемува зборови. На самиот врв е лоциран објект (полиција, војска, тајни служби) и морате внимателно да се движите покрај оградата. Ако е убаво времето ќе ве легитимираат од тајните служби: мислиме дека не се сè уште свесни за постоењето на сателитската комуникација – не им кажувајте :)
Значи… ова парче природа ставете го на списокот некаде погоре!
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина:
- с. Нежилово – Чеплес (преку изворите на реката Бабуна) = 11 км
- Изворите на реката Бабуна + 2 км