Медена тура на Меденица – најубавиот и најживописниот врв на планината Бистра. Се прашувавме зашто врвот се вика Меденица – сега ни е повеќе од јасно. Маврово и Мавровско Езеро се само едно делче од целата убавина на Бистра.
Меденица е највисок врв на планината Бистра, неговата надморска височина изнесува 2163 метри. Се наоѓа на западниот дел на главното планинско било на Бистра, во непосредната близина северно над селото Галичник. До него води добро обележана планинарска патека од селото Галичник, а може да се искачува и од селото Јанче во долината на Радика. Од врвот Меденица се пружа глетка на целата планина Бистра, Мавровското Езеро, Кораб, Дешат, Шар Планина и Стогово.
Тура
Ние се одлучивме за најлесната варијанта: премин Шереметница – врв Меденица (4 км) и висинска разлика од 523 метри. Постои и друга патека од село Галичник во должина од 5 км и висинска разлика од 700 метри.
Од Скопје до преминот Шереметница на Бистра возиме вкупно 105 км, и кај Маврово се двоиме за с. Галичник. Патот за Галичник е тазе асфалтиран освен една мала делница на почетокот, но сосема погоден за патничко возило. На картата десно (Zoom-In / Zoom-Out) може точно да го најдете преминот Шереметница каде го оставаме нашето возило и продолжуваме по земјен трасиран пат. Се движиме по земјениот пат без сериозни угорнини, и по 1,8 км се двоиме по планинарска патека каде угорнината сериозно се зголемува. Ја искачуваме првата карпа и пред нас се отвара магичен поглед на Меденица – грандиозна и прекрасна. Се искачуваме по сртот од источна страна и се насладуваме на прекрасните погледи кон врвовите Голем Крчин, Веливар и Рудина кон запад и Голем Кораб кон север. На самиот врв се насладуваме на прекрасната панорама на Мавровско Езеро и целиот регион на планината Бистра.
Оваа патека е идеална и за почетници, семејства и деца. Единствениот проблем е зголемената угорнина пред врвот, но патеката е кратка и лесно совладлива. На самиот врв внимателно со деца поради конфигурација на врвот и присуство на бездни. Доколку сакате Меденица да ја освоите во зимски услови, тоа е можно единствено во рами на организирана планинарска тура, соодветна зимска опрема и во присуство на сертифициран планинарски водич.
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина:
село Галичник – врв Меденица (5 км)
- двете опции се вклучени во GPS линкот
врв Карбула 2.151 м. (+ 4 км)