• Должина во правец: 6,5 км
  • Тежина: 5/10
  • Време на искачување: 3 часа
  • Искачување со деца: 3,5 часа
  • Висинска разлика: 712 м
  • Почетна точка:

    село Никифорово

Помош за навигација: повеќе во Совети
Карта со сите патеки

Никифорово (познато и како Ниќифорово) – село во Општина Маврово и Ростуше, сместено на брегот на Мавровското Езеро. Селото се наоѓа во Мавровската Котлина, на залив на источниот брег на Мавровското Езеро. Низ Никифорово него тече Петилепска Река која завршува влевајќи се во езерото. Административно претставува дел од Општина Маврово и Ростуше, западна Македонија, сместено во источниот дел на општината. Воедно, селото претставува и дел од Националниот парк Маврово. Се наоѓа во пониските делови на планината Бистра.

Селото е поврзано со асфалтниот месен пат P-413 со соседните села Леуново и Маврово, пат кој го обиколува Мавровското Езеро. Од градот Гостивар е оддалечено 32 километри. Селото има околу 100 куќи, а поголемиот дел од нив се викендици.

Населбата Никифорово се верува дека има далечно минато. Доказ за тоа е местото „Црквичето“ во месноста Бор. Археолошките истражувања потврдиле постоење на манастирски комплекс, чие постоење потекнува од V-VII. Црквата на овој манастирски комплекс била во целосна употреба и се изведувале богослужби сè до нејзиното палење од страна на германските војници во 1943 година. Покрај палењето на црквата, во пожарот изгорело и целото село. Денес наоѓалиштето е прогласено за културно наследство на Македонија.

Извор: Wikipedia

Тура

Турата ја започнуваме пред селската кооперација (затворена) во с. Никифорово, каде постои можност за паркинг на неколку возила. Ги одминуваме последните викендици од заспаното и празно Никифорово и навлегуваме во прекрасна шума со голем број извори и потоци. Планинарските маркации се чести и движењето навистина лесно, иако на неколку наврати забележавме свежи траги од мечка. По изминати 2,8 км. излегуваме од шумата и пристигнуваме до познатите извори на Петилебска река – истоимената чешма е затскриена од вегетација но се помачивме и ја најдовме за да се напиеме студена изворска вода. Од оваа точка маркацијата завршува и неопходна ви е навигација за да се движите понатаму. По изминати 4 км. се приближуваме до Бачилото кое во овој период од годината е прилично зафатено со работа. Бидејќи се движиме со Марфи – нашиот бигл, одлучивме по секоја цена да ги избегнеме стадата со овци и нивните чувари со цел да го заштитиме Марфи од можни напади и повреди. Правиме пауза со цел да ги лоцираме неколкуте стада распослани по планината како и нивниот правец на движење и притоа се одлучивме да тргнеме кон југ во насока кон врвот Мали Шар и потоа по срт да го искачиме Сандакташ. Наш совет: доколку и вие се движите со миленик или помали деца, и доколку саката да ги избегнете стадата и нивните чувари, искористете ја истата патека (во сина боја). Се движиме во насока кон Мали Шар и пред врвот скршнуваме кон соседниот врв (без име) и потоа кон Сандакташ – прекрасни погледи на околните врвови на Бистра и Мавровското езеро, додека во позадината силно надвиснува нашиот највисок масив – Кораб.