• Должина во правец: 6 км
  • Тежина: 6/10
  • Време на искачување: 3,5 часа
  • Искачување со деца: 4 часа
  • Висинска разлика: 1.170 м
  • Почетна точка:

    село Патишка Река

Помош за навигација: повеќе во Совети
Карта со сите патеки

с. Патишка Река – врв Мирска Вода е можеби една од најлесните и најпристапни патеки на Караџица – планина која го завзема западниот дел на масивот Јакупица (Мокра Планина). Но со оглед на висинската разлика од 1.170 м, и не е така за потценување.

Патеката започнува во селото Патишка Река кое е точно 37,5 км оддалечено од центарот на Скопје. Од Скопје се упатувате кон Драчево, Батинци, Маркова Сушица, и тука патот се двои лево за село Патишка Река. Патот е во добра состојба и асфалтиран, освен на неколку км пред Патишка Река каде треба да внимавате на поситни оштетувања и бразди. Возилото може да го паркирате сред-село пред џамијата каде има доволно можности за паркинг.

Низ селото тече истоимената Патишка Река – река понорница во Македонија. Според записите на македонскиот револуционер Ѓорче Петров во книгата Материјали по изучувањето на Македонија, Патишка Река започнува да тече на Црн Врв недалеку од Салаковските Езера и надолу слегува по длабокиот дол помеѓу Караџица и Ибраимица. Протекува низ истоименото село Патишка Река од каде течејќи во северен и североисточен правец понира во месноста Присој близу исклучувањето на патот за Држилово, при што потоа се појавува во продолжение како Сува Река, влевајќи се во Маркова Река.

Патишка Река потсетува на легендарното Вевчани каде истоимената река буквално ги заобиколува куќите и селските сокачиња и притоа го претвара селото во прекрасно место за посета.

Патеката започнува некаде пред крајот од селото, каде веднаш се двои: лево кон врвот Миленков Камен (9 км), десно кон врвот Мирска Вода (6 км), или кружна опција (17 км): изборот е ваш. Овој пат бидејќи доцна пристигнавме, решивме да одиме кон врвот Мирска Вода. Патеката е јасно обележана со планинарски маркации и веднаш по двоењето навлегувате во прекрасна зимзелена шума каде пред крајот на шумата (3 км од стартот) патеката нуди волшебни погледи кон врвот Миленков Камен. На крајот од шумата се отвара широка ливада каде ја правиме првата пауза и собираме сили за последниот успон кон врвот – успонот започнува на 3,5 км од стартот каде качуваме 530 м висинска разлика до врвот и ги трошиме последните сили. Пристигнуваме на врвот и наградата е повеќе од доволна: магични призори на целиот масив Јакупица – Мокра Планина.

Доколку оваа патека ја посетите во зимски услови, внимателно: поголем дел од селото Патишка Река е во осој и патот може да биде подмрзнат. Наш предлог за крај: посетете го новиот комплекс РЕКА на неколку километри од селото – на кафенце или чајче :)

с. Патишка Река – врв Миленков Камен (9 км)
врв Мирска Вода – врв Миленков Камен (+ 2 км)
с. Патишка Река – врв Мирска Вода – врв Миленков Камен – с. Патишка Река: кружна (17 км)

Наведените варијации ги содржи GPS записот погоре