• Должина во правец: 2 км
  • Тежина: 3/10
  • Време на искачување: 0,5 часа
  • Искачување со деца: 0,5 часа
  • Висинска разлика: 200 м
  • Почетна точка:

    Земјен пат: с. Нежилово – ПД Чеплес

Помош за навигација: повеќе во Совети
Карта со сите патеки

Реката Бабуна извира на југоисточната страна на Мокра Планина под врвот Солунска Глава и протекува помеѓу планинскиот масив Јакупица од левата и планината Бабуна од десната страна. Од своите извори на кои се наоѓаат прекрасните водопади во пределот над селото Нежилово тече во јужен правец до Богомила. Оттука протекува во југоисточен правец со до селото Оморани од каде што свртува кон североисток сѐ до вливот во Вардар. Бабуна има живописна клисуреста челенка, делумно клисуресто речно корито, мали водопади во нејзиниот горен тек. Се храни со вода од поголем број на притоки. Во своето течение долго 53 километри, прима неколку притоки, од кои најзначајни се десните притоки: Брезица, Изворска и Војничка Река. Поради извонредната чистина на водата во Бабуна живеат повеќе видови риби како пастрмка, плашица, бојник, како и речни ракови. Во долниот тек реката минува низ клисурата Пешти, каде што речните вирови се доста посетени од капачи преку летниот период.

Рута 1: с. Нежилово – Извори на Бабуна (6,2 км)

Ова е класичната тура која започнува од рибникот во село Нежилово. Кај рибникот завршува асфалтираниот пат и започнува земјен пат кој е во добра состојба но сепак е наменет за теренски возила (иако често се забележуваат патнички возила) и води до ПД Чеплес и изнесува вкупно 11 км. Од с. Нежилово до патеката која се двои кон изворите на Бабуна има вкупно 6,2 км релативно лесна прошетка низ густата шума на Мокра планина. Кај информативната табла се двои планинарска патека, во должина од 1,5 – 2 км, која е јасно обележана и одлично обезбедена со челични сајли за поддршка при искачувањето и широки земјени скалила со дрвени ивичници. Наша препорака е најпрво да одите до крај на патеката до изворот на Бабуна, а потоа на враќање да го посетите и водопадот кој се одделува стотина метри од патеката.

Рута 2: Планинарски дом Чеплес – Извори на Бабуна (4,5 км)

Доколку се наоѓате во планинарскиот дом Чеплес на ноќевање или искачување на Солунска Глава или Перчулица, во тој случај на враќање кон с. Нежилово, обавезна е посетата на изворот на Бабуна. Оваа варијанта е пократка и изнесува 4,5 км до планинарската патека која се двои кон изворите, и секако дополнителни 1,5 – 2 км до самите извори и водопадот на Бабуна.

И уште една препорака за крај: пастрамката во рибникот на с. Нежилово е одлична! Резервирајте однапред.

(наскоро)