• Должина во правец: 10 км
  • Тежина: 9/10
  • Време на искачување: 5 часа
  • Искачување со деца: 5,5 часа
  • Висинска разлика: 890 м
  • Почетна точка:

    Планинарски дом Смрека (Попова Шапка)

Помош за навигација: повеќе во Совети
Карта со сите патеки

Титов Врв, познат и како Голем Турчин – највисокиот врв на Шар Планина и втор највисок врв во Македонија (по врвот Голем Кораб). Височината му е 2.747 м. Врвот е сместен на масивот Рудока. Под врвот на јужната страна извира Боговињска Река, а од северната – реката Пена. Овој врв е највисокиот врв на Шара и втор по височина во Македонија. Како што е наведено погоре, висок е 2.747 м. Се наоѓа во средишниот дел на планината, во највисокиот нејзин дел, во кој се наоѓаат сите три врва на планината коишто се повисоки од 2.700 м. Самиот Титов Врв е теменест, широк околу 9 м, а на платото на врвот, како што е познато, има изградено планинарска кула. Местото каде што се наоѓа врвот е во внатрешноста на шарскиот масив. Околу него се наоѓаат уште 2 врва со пониска висина и тоа Мал Турчин 2.702 м и Бакардан 2.700 м. Оригиналното и вистинско, а воедно и најстарото име за овој врв е Шар според кој и целиот планински масив го добил своето име Шар Планина. Врвот првобитно и оригинално е именуван како Шар во повеќе стари дела и карти, меѓу кои и книгата „Материјали по изучувањето на Македонија“ од македонскиот револуционер Ѓорче Петров, кој запишал дека врвот така се именува од месното население, а по него е именувана и целата планина. За време на владеењето на Турците врвот во средината го добива името Турчин или Турчин Планина, а останатите два ги добиваат сегашните имиња, т.е. Мал Турчин и Бакардан. Во време на отоманското владеење честа била практиката највисоките врвови да се именуваат во чест на султанот (како што е случај на Осогово и повеќе други планини), а тоа продолжило да се применува и од следните власти кои доаѓале и кои го именувале врвот по своите челници – цареви и претседатели. Така името на врвот останува Турчин сè до 1934 година кога во октомври е преименуван во Александров Врв, во слава на српскиот крал Александар I Караѓорѓевиќ. За време на Втората светска војна врвот го добива своето старо име Турчин или Голем Турчин. Така е сè до 21 април 1953 година кога со одлука на Собранието на НР Македонија врвот го добива денешното име Титов Врв.

Извор: Wikipedia

Тура

Голем Турчин или Титов Врв – вториот највисок врв во Македонија и еден од потешките врвови за искачување. Веќе подолго време истражуваме и го планираме искачувањето на Титов Врв и тука ќе ги споделиме нашите искуства со цел да Ве мотивираме да тргнете на една ваква експедиција.

Титов Врв е лоциран во прилично непристапен предел во срцето на Шар Планина. Постојат повеќе насоки од каде може да се пристапи и истите се со различна тежина:

  1. Зимска патека: ПД Смрека (Попова Шапка) – врв Церепашина 2.480 м., врв Антени 2.531 м., Син Врв 2.551 м., врв Карабунар 2.600 м., врв Бакардан 2.704 м. – Титов Врв 2.748 м. За нас, тоа е всушност најтешката насока за освојување на Титов Врв. Започнува веднаш од ПД Смрека на Попова Шапка кој се наоѓа на 1.800 мнв и веднаш се совладуваат 700 мнв во должина до 3 км. до првиот врв Церепашина. Од врвот Церепашина до врвот Карабунар, движењето во должина од 3 км се одвива по самиот срт и е релативно лесно и нуди магични погледи на околните врвови на Шар Планина. Вистинскиот тест на издржливост започнува од врвот Карабунар каде започнува спуштање до седлото и искачување на врвот Бакардан, и повторно спуштање до седлото и искачување на Титов Врв. Оваа патека е со вкупна должина од 10 км. и 1.530 мнв во правец и со тоа се карактеризира како исклучиво тешка насока за искачување на Титов Врв, со посебен акцент на тежина во зимски услови.
  1. Летна или Вакафска патека: тоа е патеката која најчесто се користи за враќање назад по успешно искачување на Титов Врв. Започнува од ПД Смрека и во должина од 5 км. патеката поминува по земјен трасиран пат до локалитетот Вакаф, односно Вакафски Бачила. Од Вакафски Бачила започнува планинарска патека која се движи по изохипса и го обиколува врвот Бакардан до седлото помеѓу Титов Врв и Бакардан каде се спојува со Зимската патека. Оваа патека е со вкупна должина од 10 км. и 1.530 мнв.
  1. Трета опција прилагодена за деца и семејства: Поаѓаме со Offroad возило 4×4 од Попова Шапка кон Конак до Вакафски Бачила по земјен трасиран пат во должина од 17 км. Го оставаме возилото веднаш после бачилото и продолжуваме по планинарска патека до Титов Врв во должина од 6 км. и 855 мнв во правец. Патеката практично се движи од јужната страна на Бакардан и поминува покрај Мал Турчин кон седлото помеѓу Титов Врв и Бакардан. Оваа тура е идеална за сите оние кои не се чувствуваат подготвени за искачување на зимската патека и нуди прекрасни погледи кон Бакардан и Мал Турчин. Внимавајте: за оваа патека Ви е потребно подготвено Offroad возило со 4×4 погон.
  1. Четврта опција – Да, постои и четврта опција со комбинација Offroad возило 4×4 и планинарење каде постои можност да пристигнете на само 2 км. од Титов Врв – но таа нема да ја споделиме бидејќи не ја сметаме како планинарска тура J.
  1. Петта опција – од Лешница / врвот Плат – во некој друг пост.

Нашата екипа за ова прво искачување на Титов Врв ја искористи третата опција бидејќи не се чувствуваме подготвени за најтешката – една од најголемите пречки претставува станувањето рано наутро и опремување што е неопходно доколку се одлучите за Зимската патека, нешто што не ни оди од рака и сеуште го вежбаме. Поаѓаме лабаво околу 9 часот од Попова Шапка и се возиме со нашето Offroad возило по земјен трасиран пат кон Вакафски Бачила. Ја одбираме опцијата која поминува покрај Конак иако постои уште една опција: земјен трасиран пат кој води од горната страна – односно преку насоката за Лешница /  Јелак. По изминати 17 км. на сериозен Offroad предизвик (без Offroad возило со 4×4 погон воопшто не тргнувајте) пристигнуваме до Вакафски Бачила и возилото го паркираме 600 м. погоре со цел да не ги вознемируваме чуварите на стадото. Тука се приклучуваме на Летната или Вакафска патека кон Титов Врв која се наоѓа 100 метри над нас и уживањето може да започне. Се движиме по блага угорнина во подножјето на Карабунар и Бакардан. Локацијата изобилува со потоци и извори на студена вода и прекрасни пејзажи на околните врвови. Пристигнуваме до подножјето на Бакардан и по изохипса го заобиколуваме Бакардан за да пристигнеме на седлото помеѓу Титов Врв и Бакардан. Пред нас се отвара магичен поглед на моќниот Мал Турчин и Титов Врв.