Гари – мијачко село во Општина Дебар, во околината на градот Дебар. Селото е сместено на падините на планината Стогово, под шумата наречена Канеш. Низ самото село поминува Гарска Река, која претставува заштитен споменик на природата.
Селото е особено познато по иконостасот и резбата во црквата „Успение на Пресвета Богородица“, кои биле изработени од тајфата на далеку познатиот мајстор Петре Филиповски – Гарката.
Гари е дел од областа Мала Река, сместено длабоко во пазувите на планината Стогово, на надморска височина од околу 1100 метри. Селото се наоѓа во една тесна долина, која произлегува од едно ледничко езерце на Стогово.
При продорот на словенските племиња на Балканот, меѓу повоинствените се наоѓаат Мијаците. Неколку легенди говорат дека тие како похрабри го населиле најтешко проодниот предел од Македонија по Радика, во пазувите на планините Стогово, Бистра, Јама па сè до Малесија и Лума (Албанија). Според Тома Смилјаниќ, Мијаците се викаат така зошто секогаш биле чисти и измиени. Друго предание говори дека Мијаците го добиле името бидејќи личната заменка „ние“, ја изговараат „мие“. Смилјаниќ смета дека ова толкување е најточно. Според Новаковиќ, (Законски споменици), Гари се споменува во XIV век. Според едно предание се смета дека некогаш Гари се наоѓало во месноста Присој, некаде околу XIV век.
Според истиот автор се наведува дека Гари било населено од страна на Мијаците во 1760 година, а претходно таа месност била пуста. Според легендата се вели дека во текот на XV век на падините на планината Стогово, во месноста наречена Дрениче постоела црква посветена на Свети Спас, од која неколкупати ја снемувало иконата посветена на светецот. Иконата одлетувала до денешното село Гари, а селаните подоцна ја враќале назад, но настанот се повторувал. Затоа, селаните одлучиле да подигнат нова црква и село на местото каде паѓала иконата.
Георги Трајчев во својата „Книга за Мијаците“ го опишал Гари „како село со повеќе од 180 куќи, повеќето со два или три ката, кои со својата масивна камена структура, изложени на југ и амфитеатрално симетрично распоредени, му даваат еден прекрасен пејзаж“. Според податоците од 1873 година, селото имало 100 домаќинства со 278 жители христијани (Македонци). Според податоците на Васил К’нчов од 1900 година, селото имало 1000 жители христијани (Македонци).
Извор: Wikipedia
Тура
(во подготовка)
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина:
село Гари – врв Голем Рид (10 км)
- двете опции се вклучени во GPS линкот