• Должина во правец: 3,5 км
  • Тежина: 6/10
  • Време на искачување: 1,5 час
  • Искачување со деца: 2 часа
  • Висинска разлика: 320 м
  • Почетна точка:

    с. Тресонче

Помош за навигација: повеќе во Совети
Карта со сите патеки

Тресонче – село во Општина Маврово и Ростуше, во областа Мала Река. Селото се наоѓа на Тресонечка Река, која извира во близина на селото. До селото Тресонче води асфалтен пат кој се двои од месноста Бошков Мост од регионалниот пат Дебар — Маврово и продолжува по текот на Мала Река. Патот до селото Тресонче се двои од овој пат и освен до него, води и до селата Росоки и Селце. Се наоѓа во срцето на планината Бистра, во западна Македонија, а е распослано по левата и десната страна на Тресонечка Река, која извира во непосредна близина на селото. Оддалечено е 22 километри источно од градот Дебар.

Од северната страна Тресонче е заградено со врвовите Брзовец и Пешкопеја, од исток со Шкрка (Дајдовец) и од југ со ридовите кои почнуваат со Думостол и завршуваат со карпата Соколица. На југ од Тресонче се наоѓа селото Лазарополе. Климата во долината на Тресонечка Река е континентална, а на високите места планинска, односно алпска, која се одликува со големи врнежи снег.

Тресонче е едно од најстарите села во Македонија. Неговото име најнапред било Старо Село. За првпат се споменува во еден попис од 1467 година, и нешто подоцна во Тахрир дефтер бр. 4 од 1474 – 1476 година, каде се наведува како дервенџиско село. Првите зачувани записи за селото потекнуваат откако на територијата на Македонија се зацврстила отоманската империја. Веројатноста и пред тоа да постоело селото се доста големи, но поради борбите што во тоа време се воделе на Бистра меѓу Османлиите и нивните противници придонело времено раселување на населението од регионот на Радика. Според проучувањата, се смета дека во далечното минато регионот на Мала Река ја населувале сточари – Власи, кои живееле во привремени летни колиби и ги користеле богатите пасишта на Бистра. Според наодите на српскиот научник и етнолог, Јован Цвииќ, кој работел во почетокот на XX век, со доаѓањето на словенските племиња на тој простор, Власите се словенизирале. Освен тоа, Тресонче, заедно со другите села во областа, важи за дел од област населена со Мијаци, а за значењето на зборот „Мијак“ прво писмено толкување дал галичанецот Ѓорѓија Пулевски (1817 — 1893). Тој во неговата книга „Славјано – маќедонска општа историја“ објаснува дека „думата МИЈАК означава – бистар ум, хора бистроумни и оште Мијаци = Македонци…“. Потеклото на Мијаците Пулевски го поврзува со античките Македонци и смета дека „Мијаците биле гвардејци на Александар Македонски, а Брсјаците биле неговата брза армија“.

Според првичните записи во 1467 година во Тресонче имало три христијански куќи. Раскажувањата на старите и пронајдените записи во турските дефтери сведочат дека во Тресонче низ вековите имало и до 300 куќи. Првото училиште во селото е изградено во 1852 година, но со години пред тоа, образованието на жителите се вршело во селската црква или во манастирот „Св. Јован Бигорски“.

Извор: Wikipedia

Тура

Доколку сте во потрага во вистинска авантура, природа, место затскриено од сите погледи и џагор – тогаш оваа тура е вистинскиот избор. Село Тресонче е толку изолирана локација, самото пристигнување до стартот на патеката претставува вистински логистички предизвик.

Во с. Тресонче пристигнуваме од Скопје преку Маврово, Ростуше, Могорче каде се одвојува локален асфалтиран пат до селото во должина од 9 км. Наша препорака е овој пат да го извозите со SUV бидејќи патот е прилично оштетен и тесен и нам ни требаше 30-тина минути. По должината на патот изостанува ГСМ сигнал, и доколку имате проблем препуштени сте на вашите сопствени вештини.

Пристигнуваме во Тресонче и веднаш се упатуваме по земјен трасиран пат кој води покрај Тресонечка река до малата хидроцентрала од каде патеката се стеснува и ја следи реката. Поголемиот дел од патеката е под сенка во прекрасна шума каде постојано се слуша жуборот на Тресонечка река додека високо над реката надвиснуваат врвовите Мал и Голем Брзовец. По изминати 3 КМ пристигнуваме до пештерата Долна Алилица и од оваа точка започнуваме да се движиме до самото корито на реката. Бидејќи се движиме во период кога водостојот е намален, движењето поред река е навистина лесно и едноставно, но при зголемен водостој најверојатно ќе ви бидат потребни гумени чизми. Изминуваме неколку дрвени мостови и на 100-тина метри пред Син Вир, поставена е железна платформа со јаже со цел да се олесни искачувањето до целта бидејќи овој дел е прилично непристапен во самиот кањон на Тресонечка река. Тука препорачуваме голема внимателност особено со деца бидејќи железната платформа е поставена во самата река и подлогата е прилично лизгава. И конечно патеката завршува и пред нас со силен татнеж на водата кој понира од високите карпи се појавува Син Вир. Тука завршува нашата тура бидејќи нашата екипа вклучува и помали дечиња, но доколку сте спремни да продолжите, постои можност да продолжите кон пештерата Горна Алилица како и да го посетите горниот водопат наречен Тресонечки Водопад (ГПС записот го содржи сите наведени локалитети).

село Лазарополе – село Тресонче – Водопад Син Вир (10 км)

  • двете опции се вклучени во GPS линкот