Локвица – село во Општина Македонски Брод, во областа Порече, во околината на градот Македонски Брод.
Селото се наоѓа во областа Порече, на источната страна на територијата на Општина Македонски Брод, чиј атар се издигнува на планината Даутица. Поточно, селото Локвица се наоѓа на источниот раб на поречкиот басен, а лежи во подножјето на отсек од некогашниот праисториски езерски брег висок 900 метри. Самото село Локвица е сместено во мала зарамнета котлина окружена со високи планински гребени од сите страни и тоа Осој (1285 м.н.в.) на Даутица на исток, Лаишта (889 м.н.в.) на југ, Голиње (920 м.) и Орлов Камен (914 м.) на запад и Рупиште (808 м.) на север. Непосредно северно од селото се наоѓаат обработените ниви, а веднаш на југоисток над самото село низ Богданов Дол се наоѓа изѕиданата цевководна траса на водоводот која преку месноста Јасика завршува кај местото Долга Рупа и ловџиската локва на врвот на билото висок 1130 метри во правецот над Крапа.
Селото е ридско, на надморска височина од 800 метри. Од градот Македонски Брод е оддалечено 11 километри. До селото води асфалтен пат, кој се двои кај пештерата Пешна. Најблиски соседни села се Крапа на југоисток и Вир на север, а преку земјен и наместа калдрмисан пешачки пат Локвица на север е поврзана со маалото Старовци во селото Црешнево.
Пештерата Пешна се наоѓа на шест километри од Македонски Брод. Според спелеолозите, Пешна е пештера со најголем отвор на Балканот – висината на отворот изнесува 40 метри, а широчината 56 метри. Должината на пештерата е 124 метри. Во пештерата се гнездат ластовици, а во неа живеат и лилјаци. За убавината на пештерата зборува тоа што „Њујорк тајмс“ ја споредил со „Helms Deep“ од „Господарот на прстените“.
Од крајниот северен дел на пештерата, по силни дождови и топење на снегот избива силен вруток, кој во сушните периоди од годината наполно пресушува. Според месното население, водата понира од селото Крапа, кое се наоѓа на повисока надморска височина, а која формира неколку езерца и водопади во „најголемиот пештерски систем кај нас“, за кој се претпоставува дека е долг дури десет километри.
На влезниот дел на пештерата постои средновековна тврдина и остатоци од воденица. Остатоците од тврдината во пештерата се доведуваат во врска со месноста „Девини кули“ која се гледа од внатрешноста на пештерата. Според локалните легенди, на двете тврдини живееле сестрите на Крале Марко. Пешна е регистрирана како наоѓалиште од доцноантичкиот период во Македонија. Пред влезот на самата пештера е откриена античка гробница.
Извор: Wikipedia
Тура
(во подготовка)
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина:
Пештера Пешна – с. Локвица (7 км)