Тресонче – село во Општина Маврово и Ростуше, во областа Мала Река. Селото се наоѓа на Тресонечка Река, која извира во близина на селото. До селото Тресонче води асфалтен пат кој се двои од месноста Бошков Мост од регионалниот пат Дебар — Маврово и продолжува по текот на Мала Река. Патот до селото Тресонче се двои од овој пат и освен до него, води и до селата Росоки и Селце. Се наоѓа во срцето на планината Бистра, во западна Македонија, а е распослано по левата и десната страна на Тресонечка Река, која извира во непосредна близина на селото. Оддалечено е 22 километри источно од градот Дебар.
Од северната страна Тресонче е заградено со врвовите Брзовец и Пешкопеја, од исток со Шкрка (Дајдовец) и од југ со ридовите кои почнуваат со Думостол и завршуваат со карпата Соколица. На југ од Тресонче се наоѓа селото Лазарополе.
Климата во долината на Тресонечка Река е континентална, а на високите места планинска, односно алпска, која се одликува со големи врнежи снег.
Тресонче е едно од најстарите села во Македонија. Неговото име најнапред било Старо Село. За првпат се споменува во еден попис од 1467 година, и нешто подоцна во Тахрир дефтер бр. 4 од 1474 – 1476 година, каде се наведува како дервенџиско село. Првите зачувани записи за селото потекнуваат откако на територијата на Македонија се зацврстила отоманската империја. Веројатноста и пред тоа да постоело селото се доста големи, но поради борбите што во тоа време се воделе на Бистра меѓу Османлиите и нивните противници придонело времено раселување на населението од регионот на Радика. Според проучувањата, се смета дека во далечното минато регионот на Мала Река ја населувале сточари – Власи, кои живееле во привремени летни колиби и ги користеле богатите пасишта на Бистра. Според наодите на српскиот научник и етнолог, Јован Цвииќ, кој работел во почетокот на XX век, со доаѓањето на словенските племиња на тој простор, Власите се словенизирале.
Освен тоа, Тресонче, заедно со другите села во областа, важи за дел од област населена со Мијаци, а за значењето на зборот „Мијак“ прв писмено толкување дал галичанецот Ѓорѓија Пулевски (1817 — 1893). Тој во неговата книга „Славјано – маќедонска општа историја“ објаснува дека „думата МИЈАК означава – бистар ум, хора бистроумни и оште Мијаци = Македонци…“. Потеклото на Мијаците Пулевски го поврзува со античките Македонци и смета дека „Мијаците биле гвардејци на Александар Македонски, а Брсјаците биле неговата брза армија“.
Според првичните записи во 1467 година во Тресонче имало три христијански куќи. Раскажувањата на старите и пронајдените записи во турските дефтери сведочат дека во Тресонче низ вековите имало и до 300 куќи.
Првото училиште во селото е изградено во 1852 година, но со години пред тоа, образованието на жителите се вршело во селската црква или во манастирот „Св. Јован Бигорски“.
Алилица – пештера во Македонија на планината Бистра во непосредната близина на селото Тресонче. Пештерата е сместена во тешко пристпаен предел, во преслап помеѓу планините Бистра и Стогово, веднаш од десната страна на Тресонечка Река, на јужната падина на Бистра позната како Брзовец. Од селото Тресонче, пештерата е оддалечена 4 километри во источен правец. Пештерата е сочинета од 2 пештери, Горна и Долна Алилица, повзрани со кос стрмен канал.
За пештерата и настанокот на нејзиното име постојат повеќе преданија.
Според првото предание, понапред си бил некој овчар по име Алил, кој во месноста Гуменце си ги чувал овците и шилежињата. Овците оттаму презимувале во Солунско, крај реката Галик, а шилежињата останувале во Гуменце. Но, Алил се покажал голем арамија, па ги крадел јагнињата што останувале во планината. Ги колел едно по едно и ги пуштал кон Тресонче по реката, каде ги дочекувала сестра му. Сточарите го забележале, па и него го отепале и го фрлиле во пештерата, што подоцна ја завикале Алилица.
Според второто предание, во старо време си бил некој Алил Паша. Еден ден се враќал од собирање арач (данок), но во близина на пештерата го нападнале арамии. Тој го засолнил азното во пештерата, па според некои кажувања после се вратил и си го земал, а според други, азното сè уште е некаде во пештерата?!
Според третата легенда, си била некоја Лила која исчезнала. Селаните тргнале да ја бараат и викале: “Ооо, Лилице, ааа Лилице, а-лилице, Алилице!!!” Не се знае дали Лилица некој некогаш ја пронашол.
Извор: Wikipedia
Тура
(во подготовка)
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина:
с. Тресонче – врв Шкрка – Пештера Долна Алилица – Водопад Син Вир – Тресонечки Водопад – с. Тресонче (23 км)
- двете опции се вклучени во GPS линкот