• Должина во правец: 42 км
  • Тежина: 7/10
  • Време на искачување: 3 часа
  • Искачување со деца: 3,5 часа
  • Висинска разлика: 980 м
  • Почетна точка:

    Скопје (Аеродром)

Помош за навигација: повеќе во Совети
Карта со сите патеки

Дервенска Клисура – клисура покрај реката Вардар. Се протега од утоката на Беловишка Река до селото Рашче во должина од 21,5 км. Всечена е во тријаските варовници на Жеден од десната страна и Градиште и Долги Рид од левата страна на Вардар. Ги поврзува Полошката Котлина на северозапад и Скопската Котлина на југоисток. Во клисурата постојат три теснини и две ерозивни проширувања. Во првото проширување се селата Дворце и Долно Орашје, а во второто селото Радуша и рудничката колонија. Преку клисурата води железничка пруга од нормален колосек изградена во 1952 година.

Пештер – археолошко наоѓалиште т.е. некропола од доцниот среден век во тетовското село Јегуновце. Таа се наоѓа на околу 2 км источно од селото, во подножјето на Жеден кај истоимената месност, на мала височина каде се гледаат гробови градени од камени плочи, со насоченост исток-запад. Денес месноста Пештер е доста посетувано место, особено во педвечерието на празникот Свети великомаченик Георгиј Победоносец или во народот познат како Ѓурѓовден, кога православните верници од Јегуновце традиционално го одбележуваат на Пештер. Месноста се нарекува така поради огромната вдлабнатина во карпестиот дел од планината Жеден која личи на пештера, долга и широка околу триесетина метри. Јегуновчани за Ѓурѓовден во Пештер доаѓаат од дамнина. Според традицијата, во предвечерието или ден пред празникот, на 5 мај се доаѓа во месноста бидејќи постои верување дека има чудотворна моќ. Обичајот и верувањето вели дека човек ако има мака или желба која сака да му се исполни, треба на ден пред Ѓурѓовден да дојде тука во Пештер. Во Пештер одозгора капе вода. Доколку на денот успее трипати по ред да голтне од капките, се верува дека желбата што ја замислил порано ќе му се оствари. Близу Пештер пред неколку стотини години се наоѓале заеднички гробишта на Јегуновце и Подбреѓе. Луѓето одејќи на погреби понекогаш морале да се засолнат во пештерата поради поплави од реката Вардар, која поминува во близина. Чекајќи да престанат дождовите и поплавите, тие зборувале за своите маки. Честопати се случувало следниот пат кога ќе се засолнеле да си кажат дека проблемот бил решен. Оттаму и верувањето дека местото има чудотворна моќ. Од 2004 година кога почнала возобновувањето на црквата „Свети великомаченик Георгиј Победоносец“, обележувањето на предвечерието на празникот се врши со мал водосвет и режење на славскиот колач.

Извор: Wikipedia

Тура

Турата ја започнуваме од Аеродром, каде по кејот на реката Вардар, преку Ѓорче Петров се исклучуваме за с. Кондово. Доколку саката да го избегнете градскиот метеж, турата може да ја започнете од с. Кондово или од крстосницата кај село Рашче, со тоа што патеката ќе биде пократка за 5-6 км.

Од с. Кондово, сообраќајот е значително намален и од тука започнува вистинското уживање. Го одминуваме с. Рашче и тука започнува Дервенска Клисура, каде возиме веднаш покрај реката Вардар, а лево од нас надвиснуваат падините на планината Жеден. Патеката е идеална за ROAD велосипеди бидејќи има благи наклони и асфалтот е одличен. Од с. Рашче до с. Радуша возиме приближно 7 км. во прекрасно природно опкружување покрај Вардар. На одредени секции, текот на реката Вардар е прилично мирен, но кај с. Дворце и Долно Орашје, текот на реката Вардар е значително бурен со силни брзаци и пенлива вода кои со силен татнеж одекнуваат во клисурата – невообичаено доживување кога поминувате толку блиску со велосипед. Го одминуваме Долно Орашје и по приближно 5 км излегуваме од Дервенска Клисура и пред нас се отвара прекрасен поглед на снежните врвови на Шар Планина – Љуботен, Пирибег, Езерски Врв, Пескови.. По неколку километри ја одминуваме заборавената железничка станица во Јегуновце и пристигнуваме на нашата цел – с. Јегуновце.

Од с. Рашче до с. Јегуновце има неколку чешми со вода каде може да ги надополните вашите резерви. И за крај уште ден тип: носете минимум една резервна внатрешна со вас. За жал на оваа тура моравме да направиме две паузи за лепење гуми!

с. Кондово – с. Јегуновце (27 км)

  • наведените опции се вклучени во GPS линкот