Кајмакчалан или Мачник – највисок врв на планината Ниџе. Се наоѓа на јужната граница од Македонија, со висина од 2.521 м. Кај Бугарите, врвот е познат како Борисов Град, а кај Србите како Порта на слободата и Праг на татковината.
Од врвот се гледаат Островското Езеро и Петерското Езеро во Егејска Македонија, како и областа Мариово во Македонија. Во близина на Кајмакчалан се наоѓаат селата Скочивир од македонска, како и селото Чеган и ски-центарот „Ниџе“ (Ворас) од грчка страна.
За време на Првата светска војна, на Кајмакчалан се воделе тешки борби меѓу бугарската армија, од една страна, и француската и српската војска, од друга страна, како дел од Македонскиот фронт, познат како солунски. Притоа, само во периодот од 12 до 30 септември 1916 година, во жестоките борби на врвот загинале над 4.600 војници од српската војска. Во составот на двете завојувани војски на фронтот биле мобилизирани голем број на Македонци од месното население во Мариово и од цела Македонија. Во спомен на овој настан, во црквата „Св. Петар“, сместена на самиот врв, се наоѓа посвета напишана од кралот Александар I Караѓорѓевиќ. До пред некое време, во црквата, во посебна урна, се наоѓало срцето на швајцарскиот форензичар, публицист и професор, Арчибалд Рајс.
Извор: Wikipedia
Тура
Ски центарот Ворас се наоѓа веднаш под врвот Кајмакчалан и истиот е достапен од две насоки: од југ од селото Чеган (грчки: Άγιος Αθανάσιος, Агиос Атанасиос) 18 км или од исток од селото Пожарско (грчки: Λουτράκι, Лутраки) 35 км. Независно од вашиот избор, и од двете наведени локации, патниот правец е прилично оштетен и на одредени секции дури целосно недостасува асфалтната подлога – наша препорака е овие секции да ги поминете со теренско возило.
Ние се одлучивме да ноќеваме во селото Чеган (грчки: Άγιος Αθανάσιος, Агиос Атанасиос) и рано наутро да се упатиме кон ски центарот и врвот. Чеган се наоѓа на приближно 1000 м.н.в, изобилува со викенд куќички и мали хотелчиња, како и локални таверни – мала копија на ски-центарот Банско во Бугарија. Иако нашата посета се одвиваше при крајот на Август, елките сеуште не беа раскитени, што упатува на фактот дека ова селце е повеќе посетено во текот на зимскиот период.
Доколку се одлучите на втората опција и турата ја започнете од селото Пожарско (грчки: Λουτράκι, Лутраки), наша препорака е посета на термалните извори на лековита вода и бројните таверни.
Пристигнуваме рано наутро во ски-центарот Ворас и веднаш се упатуваме кон врвот. Маркации на планинарска патека не постојат и патеката започнува веднаш од првиот објект на ски-центарот по разгазена ратрак патека. Патеката поминува покрај неколку ски-лифта и жичари и истата е прилично кратка но се совладуваат приближно 500 м.н.в. Недела е и нашите очекувања беа да сретнеме барем неколку авантуристи, но на Ниџе сме целосно осамени и нагоре одминуваме стада од коњи и крави кои безгрижно пасат и не не приметуваат. Иако е времето сончево и топло, на врвот забележуваме бел облак кој делува сосема безопасно. И покрај тоа што внимававме на прогнозата од неколку извори и истата укажуваше на поволни временски услови, на оваа висина од 2.500 м., ништо не е сигурно. Во претходни разговори со искусни планинари, врвот Кајмакчалан беше посочуван како место со непредвидлива клима и временски услови поради фактот што тука се среќаваат континеталната и медитеранската клима, и неповолните временски услови се честа појава преку цела година. Кратко пред врвот, облачето кое се врткаше над врвот, за кратко време поцрне и го проголта целосно врвот. Започнува силен дожд проследен со обилен град – последните 100-тина метри од нашиот треил-ран завршува во црквата „Св. Петар“ и веднаш потоа се слуша татнеж од гром. Немаме време за фоткање и средување на впечатоците. По краток одмор, облекување кабаници и исклучување на сите електронски уреди, го продолжуваме треил-ран-от надолу. По изминати 2 км. го одминуваме невремето и безбедно се спуштаме до ски-центарот Ворас.
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина: