Дервен (латиница: Derven) е планинарски дом на планината Бабуна, на височина од која има извонреден поглед кон Прилеп и неговата околина, кон планините Мукос и Селечка. „Дервен“ претставува еден од малкуте планинарски домови на Балканот кои имаат оригинална, исклучително цврста кружна градба од камен и бетон која и покрај претрпениот пожар опстојува како туристичка атракција.
“Дервен” со својата местоположба и локација е еден од најспецифичните планинарски домови во Македонија. Се наоѓа на планината Бабуна, близу до стариот пат Прилеп – Велес, над планинскиот премин Присад (1098 м). Од Прилеп е оддалечен околу 18 км. Самата планина Бабуна се протега од Голи Рид (1455 м) на север, до превојот Плетвар (994 м) на југоисток, во должина од 22 km. Највисок врв е Козјак (1747 м) во јужниот дел, над превојот Плетвар. Поради големата расчленетост на одделни ограноци, Бабуна има различни локални имиња: Борула Планина, Мукос, Злато, Дреновска Планина и др. До планинарскиот дом може да се дојде пеш, но и со теренско возило по макадамскиот пат, на кој има и маркации. Патеката е интересна и привлечна со поглед на природните убавини на Прилепското Езеро, манастирот Св.Ѓорѓија и едно од најголемите копови за мермер, Сивец, каде има неколку мали вештачки езерца. Посебен восхит е погледот од планинарскиот дом кон градот Прилеп, кон Селечка Планина и повисоките врвови на Бабуна како што се: Мал Мукос, Маркови Кули и др. Домот има присојна (јужна) експозиција, осончан речиси преку целиот ден, но со силни ветрови во овој гребенест дел.
Изградбата на домот е започната 1951 година а завршена во 1955 година, со доброволна работа на прилепските планинари и со помош на органите на власта. Во 1955 година предаден е на управување на Планинарското друштво – „Козјак” од Прилеп кое заедно со Планинарскиот сојуз на СРМ и најмногу учествувало во неговата изградба. Граден е од цврст материјал: камен и малтер со приземје и кат. Има две големи простории во кои се сместени околу 50 кревети. Има кујна и трпезарија опремени со потребната опрема кои може да им служат на посетителите. Има и помошни простории и соба за домарот на домот.
На 1 март 1997 година, домот е опожарен и целосно руиниран. Останати се само камените руини од домот. Од 2013 година планинарското друштво Козјак е во преговори со општината Прилеп за возобновување на домот и ставање во функција. Традиционалното искачување „Козјак ’97“ за првпат е одржано во 1997 година. Името на ова искачување „Козјак ’97“ е во спомен за планинарскиот дом Дервен кој изгоре во март истата година. Искачувањето се организира една недела после православниот христијански празник Дуовден (Духовден).
Најпривлечни одредишта од домот се: највисокиот врв на планината Бабуна – Козјак (1747 м) кој е оддалечен околу 5 часа пешачење, врвот Мал Мукос, кој е оддалечен околу 2-3 часа, Голем Мукос, Студеница, Кадиица и манастирот Степаница (2-3 часа пешачење), Mанастирот “Св. Богородица – Трескавец”, “Златоврв” (1422 м) и други. Инаку, планината Бабуна е исклучително богата со вегетација и жив свет како и разновидни денудациски форми: Маркови Кули, Кукол, Златоврв. Непосредно пак до “Златоврв” (1422 м), на огранокот познат како Злато е манастирот “Св. Богородица – Трескавец”, еден од најстарите и најубавите во нашата држава. Името „Злато“ овој дел од планината го добил поради присуството на минерали во карпите кои при силен сјај од Сонцето блескаат како злато.
Извор: Wikipedia
Тура
(во подготовка)
Велосипедски патеки во близина:
Планинарски патеки во близина:
Прилеп – ПД Дервен (17 км)
- наведените опции се вклучени во GPS линкот