Во повеќето природни вредности со кои може да се пофали Осогово, значајно место има локалитетот Раткова Скала. Карпестата убавина, наградена со редок растителен и животински свет, го набљудува регионот од надморска височина од 1.250 метри.
Поради забавеното всекување на Шталковичка Река, долинските страни кај с. Ратковица претставуваат големи, скалесто наредени, карпести отсеци заради што самата месност се нарекува Раткова Скала. Интересниот изглед на овој локалитет инспирирал легенди и приказни кои и денеска се раскажуваат од локалното население. Раткова Скала заедно со Орлов Камен е еден од најрепрезентативните карпести предели на Осогово, каде можат да се сретнат типично карпести растенија како што е црвената чуваркуќа (Sempervivum erythraeum) која кај нас ја има уште само на Беласица. Тука гнездат неколку интересни видови птици (еребица камењарка, египетски мршојадец, сив сокол, лисест глувчар, црн штрк). Раткова Скала беше еден од последните локалитети каде гнездеше црниот мршојадец во Македонија.
ЈАДИ, ЈАДИ РАТКО ДОДЕКА ТИ Е СЛАТКО!
Легендата вели дека во многуте пештери во таа скала имало орлови гнезда каде се изведувале мали орли, а во некои имало пчели. Се претпоставувало дека таму биле закопани и многу богатства од античко време. Мештаните од тој крај раскажувале дека оваа скала го добила името по некој Ратко кој често се качувал во пештерите да вади мед. Секој ден останувал се подолго и подолго. Тие го предупредувале да не јаде многу мед, за да не му се слоши. Му викале: – Јади, јади Ратко додека ти е слатко! Еднаш прејал, па му се слошило и паднал во провалијата, од височина од околу 300 м. По него останало името Раткова скала.
Раткова Скала дава прекрасен видик на историското место Свиланово, каде загинал Никола Карев, но и кон Пробиштип и Злетово. На тој дел се распознаваат неколку локални рудници за неметали кои во моментот не се активни. Инаку, целиот тој терен е карпест. Тоа се вулкански карпи што значи богатство од минерали и руда. Од другата страна почнува Кратовско-злетовскиот дел, а овде во минатото минувала и маршрутата на трите манастири: Свети Јоаким Осоговски, Свети Гаврил Лесновски и Свети Пантелејмон.
Тура
(во подготовка)
Велосипедски патеки во близина:
Планинарски патеки во близина: