Цоцев Камен (со напоредни називи Трон или Пешта) — вулканска карпа која во праисторијата се користела како мегалитска опсерваторија. Се наоѓа во атарот на кратовското село Шопско Рударе, поточно во близина на маалото Цоцевци и селото Коњух. Самата карпа се издвојува од околните ридишта е интересна сама по себе. Видливи се и остатоци од човечка обработка.
На стотина метри источно од Цоцев Камен се наоѓаат мегалити кои служеле како сончеви и месечеви нишани. На врвот на карпата се наоѓа престол свртен на исток кон нишаните, од каде што може да се следи во која точка изгрева Сонцето и Месечината и според тоа да се формира сончев календар. Мегалитите имаат дополнителни врежувања врз нив и во непосредна близина се најдени изработени месечиви во голема димензија, што претставува сведок за тоа дали еден објект претставува опсерваторија.
Се верува дека карпата е користена за посебни ритуали, според вдлабнатините во неа, во вид на катно поставени пештери, со платоа пред нив, со камен престол, седишта, остатоци од скалила и со базени за ритуално капење. Тука биле изведувани ритуални танци со принесување жртви на боговите на виното и плодноста. Во една пештера има со црвена боја нацртани симболи на човечки, животински, геометриски и недефинирани мотиви. Стотина метри источно од карпата се забележуваат исправени камења, односно мегалити или ориенти по кои се одредувала сончевата и месечевата позиција. На врвот на карпата е престолот, свртен кон исток, од каде се набљудувале сонцето, месечината и ѕвездите. Опсерваторијата се одржувала од каменото време, па во неолитот и во бронзеното време. Светилиштето се смета дека згаснало неколку века по новата ера.
Вредноста на Цоцев Камен е откриена во 1971 г. Не постојат цврсти научни докази дали станува збор за праисториска мегалитска опсерваторија. Некои истражувачи сметаат дека е единствен локалитет во светот кој има и светилиште, жртвеник, и опсерваторија.
Постои легенда за „ѓаволското око“ на Цоцев Камен која вели дека луѓето кои живееле во пештерите биле многу сложни и работливи. На врвот живеел ѓаволот кој им наредувал, но тие не го слушале. Кога се појавиле парите, ѓаволот им рекол: „Досега јас одлучував кој да живее, а кој да се отепа, а отсега парите ќе ве командуваат и ќе ве отепуваат.“
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина: