• Должина во правец: 4 км
  • Тежина: 4/10
  • Време на искачување: 2,5 часа
  • Искачување со деца: 3 часа
  • Висинска разлика: 670 м
  • Почетна точка:

    Премин Галичица

Помош за навигација: повеќе во Совети
Карта со сите патеки

Плажа, џагор од капачи, охридски панаѓур или преспанска идила.. Време е за „бегство“ на некое помирно место каде може да уживате истовремено во убавините на Охридско, Преспанско езеро и на прекрасната Галичица.

Доколку сте во Охрид, тоа е лесно: од Охрид до преминот на планината Галичица (поточна Липана Ливада) ве делат само 38 км по добро асфалтиран пат, и откако ќе го поминете селото Трпејца, се одвојувате лево кон НП Галичица (во сезона веројатно ќе ви наплатат влез во националниот парк). Распрашајте се претходно дали патниот правец е прооден бидејќи на неколку места на патот можни се снежни навеви и до 3 метри кои опстојуваат до почетокот на летниот период.

Доколку поаѓате од Отешево или Стење (Преспанско езеро), до преминот на планината Галичица ве делат 15 км возење по живописен планински предел. Внимателно: и од оваа страна се можни снежни навеви кои опстојуваат доцна до летните месеци.

Планинарската патека до врвот Магаро (2255 м), како и до останатите повисоки врвови – за оние кои се чувствуваат подготвени (Вир 2288) започнуваат на локацијата наречена Липана Ливада (обележана на картата десно Zoom-in / Zoom-out) каде постои импровизиран земјен паркинг за неколку возила.

Патеката веднаш навлегува во прекрасен шумски предел и по 1,5 км. излегуваме од шумата каде започнува т.н. Зли Дол – место кое до доцните летни месеци задржува големо количество на снег и движењето е прилично отежнато. По 0,3 км. го изминуваме Зли Дол и пристигнуваме до крстосницата каде постојат 2 опции: лева и десна патека кои по должина и тежина се исти  (приближно 2 км). Најдобрата варијанта е да изведете кружно движење со цел да ги посетите повеќето локации од каде се нуди најдобар поглед на двете езера. Независно од тоа која опција ќе ја одберете, глетките се фантастични. Ги искачуваме последните 2 км. со висинска разлика од 300 м. и го освојуваме Магаро – единствениот врв во Македонија кој нуди неверојатен поглед на нашите две најубави езера.

Според нас, оваа патека е за целото семејство: само 4 км во должина и 670 метри висинска разлика. Не сте сигурни дали сте спремни: поминете 1 викенд од Средно Водно до врв (Крстовар) и тоа е тоа. Единствено на што треба да внимавате: Појдете рано најдоцна до 09:00 часот, и вратете се назад, доколку не се качите, најдоцна до 13:00 часот. Прочитајте повеќе во Совети.

Планинарски патеки во близина:

Велосипедски патеки во близина: