• Должина во правец: 11,5 км
  • Тежина: 8/10
  • Време на искачување: 3,5 часа
  • Искачување со деца: 4,5 часа
  • Висинска разлика: 650 м
  • Почетна точка:

    ПД Смрека – Попова Шапка

Помош за навигација: повеќе во Совети
Карта со сите патеки

Лешница – долина на Шар Планина. Се наоѓа во средишниот дел на Шар Планина во пределот на највисоките шарски врвови, помеѓу врвовите Среден Камен и Плат. На југозапад е оградена со највисокиот Титов Врв, додека на југоисток со вториот највисок врв Бакардан, на запад со Среден Камен и на исток со Плат, додека кон север е отворена и се спојува со долината на реката Пена, во нејзиното горно сливно и изворишно подрачје. Се дели на Долна Лешница на надморска височина од 1450 метри и Горна Лешница од 2221 метар надморска височина.

Се одликува со изразит алпски крајолик и карактер, со високи карпи, тревнати предели и густа зимзелена и букова шума, односно изобилува со иглолисна, букова и друга мешана шума, како и со богата ендемска флора и фауна која може да се најде само на ова место, особено до шумски плодови како боровинки, малини и разни видови билки и растенија. На карпестиот предел помеѓу Долна и Горна Лешница постои голем и повремен водопад, кој е особено силен во пролетниот и летниот период. До долината Лешница може да се стигне од Попова Шапка и тоа преку 2 правци: преку Јелак и врвот Плат или преку Церипашина, а исто така може да се пристапи по патеки кои водат од селото Бозовце.

Лешница е многу посетена од планинарите особено од алпинистите и од планинските трчачи кои на Лешница имаат организирано вертикална трка на 1 километар, односно 1000 метри висинска разлика. Над шумскиот предел на Лешница постојат неколку бачила, а низ самата долина протекува малата Лешничка Река, која е десна притока на Пена.

Тура: Патеката започнува од планинарскиот дом Смрека на Попова Шапка, инаку појдовна точка за повеќе рути на Шар Планина (Титов Врв, Бакардан итн..) – точната локација на поаѓање може да ја видите на картата десно (Zoom-In / Zoom-Out)

Доколку пристигнувате со патничко возило на Попова Шапка, наша препорака да се паркирате на паркингот бидејќи патот до ПД Смрека, иако асфалтиран, е наменет пред се за теренски возила.

Од ПД Смрека води планинарска патека со сериозна нагорнина во должина од 1 км каде патеката се спојува со земјениот пат за Долна Лешница. Од тука се движиме практично по рамен земјен пат во вкупна должина од 4 км и уживаме во погледот на планинските врвови од спротивната десна страна: Вртоп (2555 м), Трескавец (2435 м) и Кобилица (2528 м). По вкупно изминати 5 км, се одвојуваме од земјениот пат по планинарска патека кон преминот Горна Лешница во подножјето на врвот Плат (2398 м) и тука започнува вистинското уживање: од десната страна моќниот Плат, додека од левата страна Син Врв (2550 м) и Карабунар (2600 м) – во срцето сме на Шар Планина. По изминати вкупно 7 км пристигнуваме на Горна Лешница (2153 м) еден од најмагичните предели на Шар Планина. Пред на се издигнуваат Турчин (2702 м) и Титов Врв (2747 м), а доколку сте подготвени и се одлучите да го искачите врвот Плат, точно зад Титов Врв е лоциран и нашиот највисок врв Голем Кораб. Од Горна Лешница успешно се спуштаме до Долна Лешница во должина од 4,5 км и подготвени сме за поголем одмор и уживање поред ладните води на Лешничка река.

Наша препорака за враќање: 13 км долг земјен пат до ПД Смрека со висинска разлика од 500 м. (патеката е вклучена во GPS фајлот). Фотка со позадина – врвот Среден Камен (2465 м) е обврска на секој посетител на Лешница :)