Лешница – долина на Шар Планина. Се наоѓа во средишниот дел на Шар Планина во пределот на највисоките шарски врвови, помеѓу врвовите Среден Камен и Плат. На југозапад е оградена со највисокиот Титов Врв, додека на југоисток со вториот највисок врв Бакардан, на запад со Среден Камен и на исток со Плат, додека кон север е отворена и се спојува со долината на реката Пена, во нејзиното горно сливно и изворишно подрачје. Се дели на Долна Лешница на надморска височина од 1450 метри и Горна Лешница од 2221 метар надморска височина.
Се одликува со изразит алпски крајолик и карактер, со високи карпи, тревнати предели и густа зимзелена и букова шума, односно изобилува со иглолисна, букова и друга мешана шума, како и со богата ендемска флора и фауна која може да се најде само на ова место, особено до шумски плодови како боровинки, малини и разни видови билки и растенија. На карпестиот предел помеѓу Долна и Горна Лешница постои голем и повремен водопад, кој е особено силен во пролетниот и летниот период. До долината Лешница може да се стигне од Попова Шапка и тоа преку 2 правци: преку Јелак и врвот Плат или преку Церипашина, а исто така може да се пристапи по патеки кои водат од селото Бозовце.
Кривошијска Река е десна притока на реката Пена во еден од најубавите предели на Шар Планина, познат како Лешница. Реката тече речиси во меридијански правец од југ кон север. Нејзиното извориште е на 2200 до 2300 м. надморска височина во циркот Кривошија, западно од Титов Врв (2747 m). Во Пена се влева на надморска височина од 1500 m, што значи дека на така кратка должина има огромен пад од дури 700 m. Најголем дел од водата во изворите на рекичката потекнува од врнежите и топењето на снегот во циркот. Неколку извори под челните морени, вода добиваат со подземно истекување од плиткото Кривошијско глацијално езеро (2238 m). Целиот пејсаж во изворишниот дел е преубав, со истакнати остатоци од некогашната глацијација. Тука е маркантниот цирк широк 1,5 км., со големи карпести отсеци по страните, потоа неколкуте моренски бедеми кон „излезот“ на циркот (на север), а нешто пониско се огромните отсеци на Лешница. Самото Кривошијско езеро, во централниот дел на циркот, е едно од преку 20-те глацијални езера на македонската страна на Шар Планина. Длабоко е 0,5 м., долго 95 м., а широко 80 м. и речиси целосно исполнето со седименти. Езерото се одржува од неколку притоки, а се одлива преку истек што понира кон споменатите извори. Сочуваните траги укажуваат дека езерото во минатото било пошироко и подолго, но сега е во фаза на изумирање.
Кривошијскиот водопад (Горно Цкало) се наоѓа 1 км. низводно од извориштето е првиот покарактеристичен водопад кој се нарекува Кривошијски водопад или Горно Цкало. Се наоѓа на 1880 м. надморска височина, а вкупниот пад му изнесува 14 метри (9 м. + 5 м.). Протекот на водата низ водопадот варира и во зависност од сезоната се движи од 20-150 литри во секунда. Водата е студена, а нејзината температура обично е околу 10-12 степени Целзиусови. Интересно е што без оглед на релативно малиот протек, водната завеса преку карпата е широка 2-3 м. и се распрснува во бројни ситни капки кон подножјето. Овде, глетката е навистина импресивна, посебно кога ќе се забележи водопадското виножито. Инаку, во карпестите маси странично од водопадот има две поткапини длабоки по десетина метри во кои може да се засолните при лошо време.
Кривошијски слап (Долно Цкало) е лоциран на околу 1 км. низводно, каде реката повторно избива на површината и преку серија од брзаци го формира слапот. Истиот се наоѓа на надморска височина помеѓу 1550 и 1600 м. и се состои од вкупно 6 водопади. Истите се лесно достапни по уредената и означена патека која започнува од шумскиот пат во близината или од Долна Лешница. Посебно возбудлив е горниот водопад висок 11,2 м. (6,7 + 4,5 м.) чија вода паѓа во кружно издлабена карпеста сала, создавјќи голем базен (џиновски лонец) на дното. Поради прекршувањето на светлината и бојата на карпите, водата како да ја менува бојата од светла, пенлива до зеленкасто-сина. Полузатворената карпеста сала, настаната со вековната ерозија на водата, создава силно ехо од водопадот, а сето тоа ве фасцинира и ве остава без здив.
На 30-тина метри низводно се долните четири водопади скалесто наредени еден под друг, чија вкупна височина е околу 30 м.. Поради всеченоста на водопадите во карпите, тие делумно се задскриени од погледот и тешко може целосно да се видат (всушност, може, но пристапот е ризичен). Затоа пак, високиот пад на водата создава силна бука која се слуша од далеку.
Во овој понизок дел на реката, како сегмент од фасцинантниот геокомплекс Лешница, пејсажот го надополнуваат густата шумска вегетација, разновидниот растителен и животински свет, шумското овошје во летниот период (малини, јагоди, капини) и зелените пасишта.
Извор: Wikipedia / igeografija.mk
Тура
Турата ја започнуваме од с. Бозовце на Шар Планина. Од Скопје до с. Бозовце не дели добро асфалтиран пат од вкупно 65 км. Од Тетово се возиме кон Попова Шапка и кај селото Гајре се издвојуваме во насока кон с. Шипковица, ги одминуваме с. Бродец и с. Вешала и пристигнуваме во Бозовце. Во самиот влез на селото веднаш кај горната чешма постои мал паркинг за неколку возила. Бозовце е село од збиен тип, тесни и стрмни улички, и доколку навлезете во потрага за паркинг или од љубопитност, постои голем ризик да заглавите доколку имате патничко возило. Искрено Швајцарија не сме ја посетиле, но селата Бозовце и Вешала со својата местоположба опкружени со прекрасните шарпланински врвови, шуми и природа, во голема мерка потсетуваат на алпските предели.
Од с. Бозовце до Лешница (поточно Долна Лешница) постојат две паралелни патеки: северна и јужна. Наша препорака е во правец кон Лешница да ја искористите северната патека која започнува веднаш од горната чешма во селото непосредно од паркингот бидејќи истата е живописна и нуди прекрасни погледи кон околните врвови вклучувајќи го и Титов Врв. За враќање ја користиме јужната патека која всушност претставува трасиран земјен пат од Бозовце до Лешница и при крај поминува низ тесните селски сокаци и нуди можност да се запознаете и со локалното население.
Поаѓаме веднаш од горната чешма во с. Бозовце, каде го паркираме возилото и се движиме по земјен трасиран пат. По изминати 3,5 км. се двоиме по планинарска патека и навлегуваме во прекрасна зимзелена и дабова шума испрекината со неколку извори и потоци кои се влеваат во Пена. Движењето по планинарската патека е лесно бидејќи висинската разлика која ја совладуваме е незначителна, но од десната страна на неколку места постои стрмен пад и препорачуваме внимателност особено ако се движите со деца. По вкупно изминати 6 км. пристигнуваме во Долна Лешница каде се спојуваат јужната и северната патека: волшебно место за уживање и одмор со алпски крајолик и прекрасни погледи на околните врвови. Тука се спојуваат Лешничка река и Кривошијска река каде се формира реката Пена: вода во изобилство. Доколку водостојот е зголемен бидете подготвени за премин на реките со соблечени чевли.
По кратката пауза на воздишки и восхитувања од овој прекрасен предел, се упатуваме кон Кривошијски слап (Долно Цкало). На приближно 0,5 км. од Долна Лешница постои патека уредно означена која скршнува кон југ и која ви овозможува да го одбегнете делот на преминување на Кривошијска река доколку истата е значително надојдена. Приближно 1 км. од Долна Лешница е лоцирана првата када од Кривошијски слап (Долно Цкало) но пристапот е прилично тежок и ризичен. Неколку стотина метри погоре е втората када од Кривошијски слап (Долно Цкало), која е значително поголема со уреден пристап и импровизирано дрвено скеле. Тука завршува нашата тура бидејќи нашето време за враќање е веќе ограничено. Повеќе од сигурно е дека оваа тура ќе ја повториме во летниот период кога ќе бидеме во можност да го посетиме Кривошијскиот водопад (Горно Цкало) и Кривошијско езеро.
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина:
Долна Лешница – Кривошијски слап (Долно Цкало) – Кривошијскиот водопад (Горно Цкало) – (3,5 км)
Долна Лешница – Кривошијско Езеро (5,5 км)
- двете опции се вклучени во GPS линкот
ПД Смрека – Горна Лешница – Долна Лешница
ПД Смрека – врв Плат (наскоро)