Злетовска Река – река во Источна Македонија и десна притока на Брегалница. Реката е долга 56 км и претставува еден од најзначајните водотеци во Источна Македонија. На неа е изграден хидросистемот „Злетовица“ кој обезбедува снабдување со вода за околу 100.000 жители од општините Кратово, Пробиштип, Штип, Карбинци, Свети Николе и Лозово, наводнување на земјоделско земјиште на над 4.500 ха, а служи и за производство на електрична енергија. Во рамките на системот е изградено и вештачкото езеро Кнежево. Злетовска Река извира во близина на врвот Ретки Буки на Осоговските Планини, на надморска височина од околу 1620 м. Во нејзиниот горен тек се одликува со повеќе геоморфолошки појави, како што се: длабока речна долина, карпести остенци, водопади, брзаци и слапови. Реката потоа се спушта низ Злетовско-пробиштипско и продолжува низ Кочанската Котлина, каде што се влева во Брегалница на надморска височина од 293 м. Злетовска Река прима повеќе поголеми и помали притоки од двете страни, од кои најголема е Белошица. Речната долина е богата со растителен и животински свет, а во речните води се застапени 11 видови на риби. Злетовска Река извира од северната страна на Лопенско Било, во близина на врвот Ретки Буки на Осоговските Планини. Изворишниот дел на реката има карактеристики на прашума, а изворот се наоѓа на надморска височина од 1.620 метри. Горниот тек на реката се наоѓа помеѓу вливот на нејзините леви притоки: Емиричка Река и Ештерец. Наоѓалиштето е значајно поради длабоко всечената речна долина со клисурест, а на места и кањонски изглед. Во овој дел од течението на реката се наоѓаат повеќе брзаци, слапови и водопади, од кои најголемиот е кај вливот на Јамишка Река со висина од 12 м. Во продолжение, реката навлегува во Злетовско-пробиштипско, каде што поминува низ Злетово и покрај Ратавица и Трипатанци, а потоа продолжува во Кочанската Котлина, каде што поминува покрај Жиганци и Уларци, по што се влева во Брегалница на надморска височина од 293 м. По целото течение на реката, во неа се влеваат помали реки од двете страни, меѓу кои главни се: Плочка, Кучевишка, Емиричка, Мушковска, Зеленградска, Кожарска Река, Ештерец, Шталковска, Киселичка, Добревска Река и Белошица.
Зеленградски манастир – манастир во Злетовско-пробиштипско, во источниот дел на Македонија. Се наоѓа на падините на Осоговските Планини, во близина на селото Зеленград и на околу 7 км од Злетово, непосредно на десната страна од Злетовска Река. Претставува метох на Лесновскиот манастир. Манастирот во минатото бил машки, но по неговото возобновување е женски. Посветен е на Свети Спиридон. Манастирот за првпат се споменува во лесновски типик од XIII век. За него се знае многу малку, затоа што нема зачувани пишани записи. Познато е дека од неговото основање бил машки манастир, а по потпаѓањето на Македонија под отоманска власт бил срушен. Во периодот по Втората светска војна, манастирот бил целосно запуштен. Во 2006 година е започнато негово обновување на темелите на првобитниот манастир, при што изградбата траела 13 месеци и завршила во 2007 година. Манастирот бил осветен од страна на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан на 21 јули 2007 година, а на церемонијата на осветувањето присуствувале надлежниот Митрополит Брегалнички г. Иларион, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, игуменот Дамаскин и свештенослужители. По возобновувањето, манастирот е женски, а првата монахиња била замонашена на 27 август 2007 година. Денес во манастирот покрај монахињи има и искушенички.
Извор: Wikipedia
Тура (во подготовка)
Велосипедски патеки во близина:
Планинарски патеки во близина: