Вишни – село во областа Дримкол, во Општина Струга, во околина на градот Струга. Селото се наоѓа во областа Дримкол, во западниот дел на територијата на Општина Струга, чиј атар се издига на источната падина на планината Јабланица и се допира со државната гранична линија со Албанија. Селото е планинско, на надморска височина од 1.040 метри. Од самиот град Струга е оддалечено 8 километри. До него се стигнува по магистралниот пат од Струга што води кон граничниот премин Ќафасан. Се наоѓа на висорамнина, на која се наоѓаат следниве извори: Студенец, Извор, Чешма и други. Водата во селото се добива од изворот Извор. Најблиски села се: Горна Белица, Долна Белица и Заграчани.
Селото Вишни спаѓа во постарите села во Струшко. Околу селото се наоѓаат разни остатоци на старини, како што е Градиште, северно од селото. Околу селото се наоѓаат и свети места, како „Св. Спас“, „Св. Петка“, „Св. Климент“, „Св. Никола“ и „Св. Врача“. Денешното село потекнува од крајот на XVIII век. Како што се верува, тоа било изградено од малобројни словенски и влашки жители, кои дошле од подрачјето на соседна Албанија. Од основањето до крајот на Втората светска војна, селото било мешано. Власите имале околу 10 домаќинства и никогаш немало мешани бракови. Друга легенда вели дека селото било изградено кога Османлиите владееле во Македонија. На местото на денешното село, тогаш немало ништо. Преданието вели дека кога жителите на Радожда бегале од зулумот на башибозукот и на турскиот аскер, се криеле во планината. Таму почнале да градат куќарки и го направиле Вишни. Кога селаните ќе ги прашал некој каде живеат, кусо одговарале – на висон, на високо, на вишнине. Од таму доаѓа името Вишни.
Цркви:
Црква „Св. Атанасиј“ — главна селска црква, а околу нејзе се наоѓаат и селските гробишта;
Црква „Св. Никола“ — камен-темелник осветен и поставен на 7 август 1999 година од страна на Митрополитот г. Тимотеј;
Црква „Св. Климент“ — помала црква во селото;
Црква „Св. Недела“ — помала црква во селото;
Црква „Св. Спас“ — пештерна црква од големо значење; и
Црква „Св. Петка“ — камен-темелник осветен и поставен на 29 јули 2006 година од страна на Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, а осветена е на 28 јули 2007 година, со благослов на Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, од страна на Митрополитот Брегалнички г. Иларион.
Споменици:
Спомен-чешма и спомен-плоча за НОБ
Вишненски извори
Во близина на селото се наоѓаат познатите Вишненски извори.
Воснесение Христово (позната и како Свети Спас) — пештерна црква во близина на струшкото село Вишни.
Црквата се наоѓа на околу два километри североисточно од селото, по кањонот на реката Сушица, на местото викано „Трпезите“. Природниот отвор на пештерата се наоѓа на јужната страна и е затворен во долниот дел со камен, во кој е сместена влезната врата. Денес, од стариот храм, направен од дрвена граѓа, останале само траги. Моментално, лошата состојба на живописот се должи пред сѐ на непосредното влијание на атмосферската влага, која за време на влажните преиоди од годината навлегува во внатрешноста и предизвикува механички ерозии.
Спасовден, како што се нарекува денот на Христовото Вознесение, е еден од дванаесетте главни религиозни празници што со голема почит се слават ширум христијанскиот свет. Во струшкиот крај, поточно во селата Вишни и Вевчани, Спасовден е ден кога тамошните луѓе се потсетуваат на една стара легенда. Како што кажува таа – во Вевчани некогаш живееле брат и сестра кои со голема љубов и без остаток му се предале на христијанството и живееле во свет живот. Поради ова, населението од целиот крај ги прифатил како светци и кон нив се однесувале со особена почит.Особено била почитувана сестрата која се викала Спасица, која кога се задевојачила, се преселила во пештерната црква кај с. Вишни каде, живеејќи како калуѓерка и ткаејќи по цел ден килими на разбој, го минала остатокот од својот живот. По нејзината смрт, а живеела долго, селаните од с. Вишни сакале да го сочуваат споменот за неа. Неколку години од кога починала, тие го зеле нејзиниот череп и го однеле во Струга кај најдобриот и најпрочуениот кујунџија од тоа време за тој од срма и филигран, да направи сребрена маска со која ќе се заштитат останките на Светата Спасица. Во годините потоа маската на Св. Спасица станала најценета реликвија на пештерската црква. Оттогаш секој Спасовден девојките од с. Вишни и околните села се собираат за да појдат на поклонение во црквата носејќи притоа подароци. Имено според легендата се верува дека таа ќе им помогне што побргу среќно да се омажат. Според утврдениот ритуал девојките, откако ќе се поклонат на Светицата ја земаат нејзината сребрена маска и со неа го обиколуваат целото село, одејќи од куќа на куќа и собирајќи дарови за црквата.Инаку, честа да ги носи реликвиите на Св. Спасица секогаш и паѓа на најстарата немажена девојка од селото бидејќи се верува дека тоа ќе и помогне да го најде својот к’смет, т.е. своето момче.
Извор: Wikipedia
Тура
(во подготовка)
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина: