• Должина во правец: 1,5 км
  • Тежина: 4/10
  • Време на искачување: 1 час
  • Искачување со деца: 1,5 часа
  • Висинска разлика: 200 м
  • Почетна точка:

    с. Вевчани

Помош за навигација: повеќе во Совети
Карта со сите патеки

Вевчани – село во областа Дримкол, во околината на градот Струга, во југозападниот дел на Македонија и седиште на истоимената општина, единствената во Македонија со само едно населено место. Селото се наоѓа во областа Дримкол, во западниот дел на Струшко Поле, чиј атар на источната страна на планината Јабланица, се издига на нејзиниот срт каде што се допира со државната гранична линија со Албанија. Селото е ридско, чии куќи се издигаат на надморска височина од 820 до 980 метри. Од градот Струга, ова големо село е оддалечено 13,5 километри, а од регионалниот пат Струга-Дебар околу 7 километри. Вевчани е сместено во подножјето на источните падини на планината Јабланица, на надморска височина од 800 метри. Поточно, селото е сместено на границата односно допирот помеѓу планинската падина на Јабланица на запад и рамнината на котлинското дно на исток. Атарот на Вевчани се наоѓа северозападно од Охридското Езеро на западната страна на Струшкото Поле на источната страна на планината Јабланица. Се протега во насока исток-запад, од подножјето, преку ридестиот терен, сè до сртот на планината Јабланица. Се граничи со Општина Струга, а во потесен дел ја допира државната гранична линија со Албанија. До Вевчани води асфалтиран пат кој од Струга минува низ селата Враништа и Велешта. Вевчани е големо село налик на гратче („паланка“) и тоа доста добро урбанизирано, уредено и регулирано. По средината на населбата минува главната улица во правец исток-запад на која се сконцентрирани повеќето продавници, хотели, ресторани, трговски и занаетчиски дуќани, домот на културата и отворената сцена на амфитеатарот и Здравствениот дом. Вевчани претставува седиште на истоимената општина и тоа е единствен случај во Македонија, само една населба да претставува засебна општина. Соседни села на Вевчани се: Подгорци на север, Октиси на југ, Велешта на исток и Горна Белица на југозапад. Траги од населбата постојат од III век пред Христа. Неговата прва локација не била денешно Вевчани, туку тоа се наоѓало нешто подолу од подножјето на планината Јабланица, на местото што денеска се вика Селиште. Можно е и да дошло до некакво спојување на античко македонска населба која се наоѓала во областа Вајтос која се наоѓа непосредно над Вевчани, со споменатата населба Селиште, така формирајќи го на денешната локација (меѓу Вајтос и Селиште). Првите легенди и писанија за Вевчани велат дека е стара населба, а нејзините почетоци датираат од крајот на VI, односно почетокот на VII век, кога племето Берзити (Брсјаци) го преплавиле Струшкиот Крај и ја населиле локацијата на денешно Вевчани, југоисточно од планината Јабланица. Тука повторно има мала неконзистентност, затоа што денес Вевчани е претежно мијачка населба.

Вевчански Извори – едни од поретките псевдопериодски сифонски врела во Македонија. Сместени се на источните падини на планината Јабланица, кај селото Вевчани, на надморска височина од 900 метри. Главниот извор е сместен во отворот на пештера. На десетина метри подолу, се наоѓаат неколку постојани извори кои подземно комуницираат со главниот извор. Капацитетот на Вевчанските Извори во влажниот период од годината изнесува околу 1.500 литри во секунда.

Извор: Wikipedia

Тура

Турата ја започнуваме од легендарното Вевчани. До стартот на Виа Фератата може да пристапите од две насоки:

  1. Од познатите Вевчански Извори каде постои поголема веројатност да пронајдете паркинг места и од тука започнува земјен пат во должина од 1 км. кој води до стартот на Виа Ферата.
  2. Од патот Вевчани – Горна Белица каде се двои пешачка патека во должина од 0,5 км. до стартот на Виа Ферата. Доколку се одлучите за оваа опција, неопходно е внимателно маневрирање со вашето возила низ тесните вевчански сокачиња и на самата локација каде започнува пешачката патека постои можност за паркинг на 1-2 патнички возила. За жал фератата сеуште не е означена но постои дрвен патоказ на кој што пишува Вевчански Извори. Патот Вевчани – Горна Белица е асфалтиран но со значителни угорнини и прилично тесен (тешко се разминуваат две возила) и затоа ви препорачуваме голема внимателност.

Епа дечки тука сме: втора ферата на нашиот појас во Македонија, после онаа на Галичица – Доброја. За разлика од Доброја, која изобилува со високи вертикални карпести формации, долги вертикални секции и наместа со негативен наклон на насоката, Виа Фератата Вевчани е далеку попитома, теренот изобилува со вегетација, има неколку вертикални секции со метални газишта но истите се кратки а уживањето и погледите се магични.

Кога би ја категоризирале според Виа Ферата категоризација: Hüsler & Schall, ние би ја сместиле оваа ферата во категоријата К2. Прочитајте повеќе на Виа Ферата: основни знаења и корисни совети.

Фератата завршува со прекрасно позициониран летниковец каде може да се одморите и да уживате во прекрасниот поглед на Вевчани. Од летниковецот до патот Вевчани – Горна Белица води пешачка патека во должина од 0,3 км, и потоа се враќаме назад по асфалтираниот пат во должина од 1,5 км.

„Данке Дојчланд“ за обезбедените средства и благодарност за Патагонците од Охрид (АК Патагонија) за изведбата на оваа Виа Ферата – совршено надополнување на туристичката понуда на Вевчани. И за крај: пивце и мезе во Кутмичевица не смее да изостане (топла препорака). Останува да се надеваме дека фератата ќе биде уредно означена и дека ќе постои можност во иднина за изнајмување на потребната опрема.