За првата акција од серијалот #ајдеситенапланина ја одбравме најлесната и најубава патека на Скопска Црна Гора – Костените. Патеката завршува во една од најбуавите и најзачувани шуми на Скопска Црна Гора.
Патеката е долга 3,5 км., и лесно совладлива за сите возрасти. Поголемиот дел е во сенка и целата изобилува во овој период со капини. За оваа патека ви се потребни 1:30 минути во правец и 1 час за назад. Прилично лесен хајк по широка патека без угорнини.
Локација
Патеката започнува од село Љубанци. Од Скопје до Љуабнци ве делат приближно 15 км. добар асфалтиран пат преку Радишани. Кога ќе пристигнете средсело, пред големиот билборд со сонцето од Кутлеш, патот се дели лево кон с. Побжје и с. Бродец и десно кон викенд населбата, Манастирот Св. Никола и с. Љуботен. Откако ќе завртите десно, веднаш по фудбалското игралиште вртите лево кон Манастирот Св. Никола. Возилото може да го паркирате веднаш под Манастирот и од тука започнува земјен пат со планинарски маркации.
Костените
По изминати приближно 2 км. од патеката започнуваат познатите костени – највкусните во регионов. Иако е сеуште рано за берба, запаметете ја локацијата и дојдете повторно во Октомври. Иако мештаните се малце осетливи за време на берба, доколку не собирате со вреќи, веројатно ќе ви дозволат да наберете од овој деликатес.
Шумата
Кратко по костените следува една од најубавите и најзачувани шуми на Скопска Црна Гора. Длабоката сенка и високите дрва го прават ова место идеално за прераскажување на ликовите од приказните на Браќата Грим со вашите најмили.
Подарок
На крајот од шумата постои извор и тука побарајте го подарокот во внатрешноста на едно стебло – јасно обележано со бело кругче.
Дополнителни патеки
Доколку се чувствувате физички подготвени, авантурата можете да ја продолжите со неколку опции: во насока на врвот Црн Камен, врвот Здравец или кон врвот Црвен Камен и познатата Сфинга на Скопска Црна Гора. Кликнете на следниот ЛИНК за да ги прегледате сите објавени патеки на Скопска Црна Гора.
Временска прогноза
Сабота одлично, недела во попладневните часови се очекува влошување и обилни врнежи. Затоа наша препорака е оваа авантура да ја изведете во сабота 23.09.2023.
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина: