За последната акција од серијалот #ајдеситенапланина ја одбравме патеката до Спирова Колиба на Скопска Црна Гора.
Во пред-Ковид ерата, Скопска Црна Гора беше прилично осамена планина. Уживавме безброј пати на Спирова Колиба во освојување на врвовите Црна Камен или Пржар без да сретнеме ниту еден планинар. Но работите се променија: детски џагор, планинари, скараџии.. до сега не ни се случило да нема паркинг место на стартот на патеката – искрено се радуваме на сите спортисти и посетители на СЦГ.
Патеката започнува од с. Бродец оддалечено 20-тина километри од Скопје преку Радишани. Класичната патека е долга 3,5 км. со висинска разлика од 565 м. совладлива за сите возрасти. Истата започнува од селската чешма во Бродец односно на првата кривина од 180 степени. На почетокот, патеката е во делумна сенка и во овој период од годината изобилува со шипки (можеби за џем мачно, но за чај од свежи шипки – идеално). За оваа патека ви се потребни 1:30 минути во правец и 1 час за назад. Прилично лесен хајк по панинарска патека со зголемена угорнина пред крајот.
Алтернатива бр. 1
Доколку не сте подготвени за класичната патека, може да ја искористите оваа алтернативна патека и да скратите 1 км. Продолжете со возилото погоре и паркирајте го веднаш до патот – постојат неколку паркинг места. Точната локација може да ја видите на картата подолу. Практично, тука класичната планинарска патека се вкрстува со асфалтираниот пат.
Алтернатива бр. 2
И за сите кои се улежани и не можат да искачат 565 м. висинска разлика – оваа опција е за вас. Продолжете по асфалтираниот пат се до врвот Рамно 2. Паркирајте го возилото покрај патот и од тука кон исток продолжува планинарска патека во должина од 2,3 км. и висинска разлика од 135 м. до Спирова Колиба.
Подарок
На само 300 метри пред да пристигнете до Спирова Колиба, подарокот е сокриен во една карпеста формација веднаш поред патеката и јасно обележан со бело кругче. Внимателно следете ја патеката без да употребувате стрмни кратенки инаку карпата може да ја одминете без да ја забележите. Доколку ја користите патеката од втората алтернатива, тогаш ќе треба да се спуштите 300 м. од Спирова Колиба за да го пронајдете подарокот.
Дополнителни патеки
Доколку се чувствувате физички подготвени, авантурата можете да ја продолжите со неколку опции: во насока на врвот Црн Камен, врвот Пржар или кон врвот Пупљак и познатата Сфинга на Скопска Црна Гора. Кликнете на следниот ЛИНК за да ги прегледате сите објавени патеки на Скопска Црна Гора.
Временска прогноза
Сабота делумно сончево, додека недела одличен есенски сончев ден до 22 степени.
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина: