• Должина во правец: 9 км
  • Тежина: 6/10
  • Време на искачување: 3 часа
  • Искачување со деца: 4 часа
  • Висинска разлика: 1.044 м
  • Почетна точка:

    Манастир Св. Никола, Љубанци

Помош за навигација: повеќе во Совети
Карта со сите патеки

Љубанци – село во Општина Бутел, во областа Црногорија, во околината на градот Скопје.

Селото се наоѓа во северозападниот дел на Скопската Котлина, на територијата на Општина Бутел, чиј атар се издигнува до сртот на планината Скопска Црна Гора, каде што се допира со подрачјето на Општина Липково. Селото е ридско, чии куќи се издигаат на надморска височина од 570 метри. Од градот Скопје, селото е оддалечено 15 километри. Куќите на ова големо село се наоѓаат во долината на Љубанска Река, на граница помеѓу планинска падина на север и ниското земјиште на југ. Мештаните со вода за пиење се снабдувале од извори соѕидани во чешми. Главни извори во селото се Чаушевац, Долна Чешма, Горна Чешма и Млака.

Селото Љубанци е една од постарите населби на Скопска Црна Гора за што сведочат повеќето цркви и манастири во неговата околина кои датираат од XI и XII век, како и големиот број на сочувани старинечки родови и родови доселени од две околни села (Лопушани и Згуровци), кои сега не постојат. На атарот на селото Љубанци има остатоци од различни културни епохи, а особено стари гробови, пари, остатоци од црквишта, кои селаните ги ископувале на местата Гребиште, Делба и Св. Јован.

Опширен и детален опис за Љубанци и неговите жители, нивниот дух, стопански занимања и живот во XIX век, во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 дава македонскиот револуционер Ѓорче Петров. Во тоа време Љубанци имало 120 македонски куќи, а атарот бил мал сразмерно со селото, планината повеќе гола, заради што жителите биле бедни, но печалбарството ги направило доста будни. Отворени, живи и весели луѓе се љубанчани и не паѓаат подолу и во гостопримството, па изреката: „На село, на гости, на тевна ќотек“ е вистинита и применлива за сите села, но во Љубанци остануваш толку задоволен и задолжен од нивната услужливост што ги забораваш вообичаените селски незгоди.

Археолошки наоѓалишта:
Љубанци — осамени наоди од римско време.

Цркви:
Црква „Св. Никола“ — главна селска црква.
Црква „Св. Богородица“ — гробјанска црква, потекнува од средновековниот период. Подолго време била во урнатини и не се знаел точниот датум на подигнување;
Црква „Св. Никола“ — манастирска црква, подигната во 1337, а обновена во 1847 година со живопис кој датира до XVII век. Селаните велат дека го изградиле истите мајстори и зографи кои работеле на соборниот храм „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје.
Црква „Св. Јован“ — помала црква, околу која во поново време се подигнати и конаци и голема камбанарија.

Манастири:
Љубански манастир — манастир источно од селото

Реки:
Љубанска Река — тече низ селото, се влева во Серава

Извор: Wikipedia

Тура

Патеката започнува веднаш под манастирот Св. Никола во село Љубанци. Пристигнувањето е по асфалтиран и прилично добар пат.  Патеката е обележана со планинарски маркации. Откако ќе ги одминете сите диви викендици, патеката навлегува во месноста „Костени“ која за време на берба е љубоморно чувана и посетена од локалното население. Потоа, навлегувате во една од најубавите и зачувани шуми на Скопска Црна Гора.

На крајот од шумата патеката понира сè до реката каде постои дрвен мост за премин. Кога е времето врнежливо или се топи снегот, Љубанска река знае да надојде и преминувањето може да претставува пречка.

Веднаш потоа започнува искачувањето кон врвот Црн Камен. Патеката скоро пред врвот поминува покрај бачило (внимателно со овчарските кучиња).

Оваа патека според нас, ја претставува убедливо најживописната и најубава тура на Скопска Црна Гора. Малце е подолга од останатите и доколку планирате да ја посетите со деца, планирајте 3 – 4 часа одење во правец. Патеката е навистина прекрасна во секое годишно време, но сепак мора да планирате доволно време за враќање со цел да избегнете ноќно движење на планината.

Спирова Колиба – врв Црн Камен (+ 1,5 км)
Спирова Колиба – врв Пржар (+ 2 км)