• Должина во правец: 3,5 км
  • Тежина: 4/10
  • Време на искачување: 2 часа
  • Искачување со деца: 2,5 часа
  • Висинска разлика: 600 м
  • Почетна точка:

    село Бродец (кај чешмата)

Помош за навигација: повеќе во Совети
Карта со сите патеки

Бродец – село во Општина Чучер-Сандево, во околината на градот Скопје. Според пописот од 2002 година, во селото живееле 3 жители. Селото Бродец се наоѓа на Скопска Црна Гора северно од Скопје оддалечено од градот Скопје околу 15 км. Според податоците на бугарскиот етнограф Васил К’нчов, селото во 1900 година имало 200 жители, Македонци христијани.

Извор: Wikipedia

Тура

Патеката започнува на крајот од селото Бродец и почетокот на викенд населбата, кај селската чешма. Пристигнувањето е по асфалтиран пат. Единствено кога го поминувате селото Побожје, патот е прилично оштетен и раскопан, но тоа е краток дел и може да се помине со патничко возило. Во зимскиот период, краток дел од патот пред Бродец се наоѓа во осој и знае да биде подмрзнат – доколку немате зимски гуми, не пробувајте.

Патеката е обележана со планинарски маркации. Кратко по стартот, патеката поминува покрај куќа во која се чуваат голем број кучиња и други животни – внимателно одминување со деца. Патеката ве води низ краткостеблеста шума испрекината со ливади. На едно место патеката се вкрстува со асфалтираниот пат – внимателно при преминување бидејќи е непрегледно.

Кратко пред Спирова Колиба, завршува нискостеблестата шума и кратко се зголемува нагорнината. Откако ќе излезете од шумата, пред вас се отвора голема ливада каде се наоѓа Спирова Колиба – место за заслужен одмор и ужување во погледот пред вас.

Оваа патека според нас е најпогодна за планинари почетници. Пократка е од останатите тури и доколку планирате да ја посетите со деца, планирајте околу 2 часа одење во правец. Патеката е навистина прекрасна во секое годишно време, но сепак мора да планирате доволно време за враќање со цел да избегнете ноќно движење на планината.

  • Побожје – Бродец – Спирова Колиба (8 км)
  • Бродец – Спирова Колиба (3,5 км)
  • Спирова Колиба – врв Црн Камен (+ 1,5 км)
  • Спирова Колиба – врв Пржар (+ 2 км)
  • врв Црн Камен – врв Пупљак (+ 2 км)

GPS линкот погоре ги содржи наведените варијации.

  • Побожје – Бродец (4 км) GPS Link