Горна Белица – село во областа Дримкол, во Општина Струга, во околина на градот Струга. Првото име на Горна Белица било Бела, добиено од белината на реката Беличка Река, што се пени на стрмниот тек. Со време се појавиле две населби, поради што селата ги добиле имињата Горна и Долна Белица.
Селото се наоѓа во областа Дримкол, во западниот дел на територијата на Општина Струга, чиј атар се издига на источната падина на планината Јабланица и се допира со државната гранична линија со Албанија. Селото е планинско и мошне високо, на надморска височина од 1.420 метри. Од самиот град Струга е оддалечено 14 километри.
До него се стигнува на два начини:
- Преку магистралниот пат од Струга што води кон граничниот премин Ќафасан.
- Преку Вевчани (за нас далеку подобра опција бидејќи патот од Вевчани е прилично подобар за патнички возила, а природата неверојатна.
Селото повеќе служи како викенд-населба отколку како постојано живеалиште. Со пописот од 2002 година регистриран е единствено 1 жител во селото.
Вевчанско езеро, кое од населението се нарекува Локва се наоѓа на запад од селото Вевчани, на источната планинска страна на Јабланица во изворишниот дел на Вевчанска Река и во непосредна близина на македонско-албанската граница. Сместено е во цирк, односно долот и пределот наречена Голина кој се наоѓа веднаш во источен правец во подножјето под највисокиот јабланички врв Црн Камен висок 2558 метри. Езерото се наоѓа на апсолутна надморска височина од 1993 метри, при максимално ниво на езерската вода. До езерото може да се пристапи по добро обележана планинарска патека од селото Горна Белица преку врвот Црн Камен или директно кон месноста Криви Вирови, до каде има и пробиен макадамски шумски-пат за лесни теренски возила од кој по 30-40 минути пешки се стигнува до езерото.
Горан Белица за нас е едно од поубавите планински села кои сме ги посетиле. Прекрасна шума и викенд куќички и вода која жубори од сите страни. Свесни сме дека нема да издржиме долго без повторно да го посетиме, попатно до некој нов врв или на викенд престој.
Доколку се одлучите да преноќите на убавата Јабланица, наша топла препорака: Планински Дом „Јанков Камен“. Се наоѓа на пола пат од с. Вевчани кон с. Горна Белица. Контакт и дополнителни информации на kajak.mk.
Патеката започнува од с. Горна Белица каде стартот е обележан со информативна табла. На почетокот се движиме по земјен пат и по неколку километри започнува планинарска патека но без маркации. Патеката минува низ прекрасни ливади и шумски предели кои буквално на секој чекор изобилуваат со извори и поточиња. По 2-3 км пешачење излегуваме од шумата и пристигнуваме на седлото под Црн Врв каде успонот се намалува и правиме полукруг кон врвот. Внимателно на овој дел: прекрасните ливади и извори со вода се омилено место за стадото овци и нивните заштитници – овчарските кучиња кои не дозволуваат приближување до стадото. Во случај на средба најпаметно е да држите дистанца од стадото. Полека и сигурно го одминуваме седлото по релативно лесна патека која изобилува со прекрасни погледи кон останатите врвови на Јабланица и започнува финалниот успон до Црн Врв. Тука значително се зголемува стрмнината на патеката и по 1,5 – 2 км напорно искачување пристигнуваме на врвот Црн Камен: прекрасна глетка кон Јабланица од Албанска страна и поглед надолу кон Вевчанска Локва.
Ние одлучивме да се вратиме по истата патека, меѓутоа постои можност да се вратите и преку Вевчанска Локва (кружна опција) со дополнителни 2 км пешачење назад кон село Горна Белица.
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина: