Кожле – село во Општина Петровец, во областа Скопска Блатија, недалеку од градот Скопје на десниот брег на реката Пчиња. До селото Кожле се стига по автопатот Скопје-Велес. Пред селото Катланово се врти десно, по асфалтиран пат кој поминува низ селото Блаце. Тврдината Маркови Кули се наоѓа 1,6 км источно од селото и датира од средниот век. Во 1847 година изградена е црквата „Вознесение Христово“, каде што во дворот е погребан македонскиот академик, поет и книжевник Гане Тодоровски, во чија чест во дворот на црквата секоја година се одржуваат поетски читања.
Карабуниште е мало село во сместено во северозападниот дел на Општина Велес од десната страна на реката Вардар на нејзиниот излез од Таорската Клисура, недалеку од вливот на Пчиња во Вардар. Селото е многу мало и е на пат да се расели во него живеат само 4 луѓе, Македонци. Карабуниште е ридско село расположено на надморска височина од 500 метри, во подножјето на планината Голешница. Над селото Карабуниште има силен извор на вода, која ја напојува селската чешма и чешмата во манастирот „Свети Илија“ недалеку од селото. Водата е студена, чиста и одобрена од надлежните институции за пиење. Карабуниште е опкружено претежно со дабова шума, како и со тополи, јасики, маслинки, смокви, ореви и нискостеблести грмушки.
Извор: Wikipedia
Тура
Ова е супер лесна тура за целото семејство. Патеката започнува од сред-село, каде се наоѓа селската чешма. Патот до таму е асфалтиран и ок за патнички возила. Кај чешмата постои можност за неколку паркинг места. Патеката започнува низ живописен предел со прекрасен поглед врз Таорската клисура. За кратко пристигнуваме до крстосницата каде се дели патеката за манастирот Пресвета Богородица (2 км). Понатаму се движиме паралелно со автопатот Скопје – Велес, и по 3 км пристигнуваме на вливот на реката Пчиња во Вардар – магично место за уживање. Тука ја преминуваме реката Вардар по автентичен висечки мост – право место за фоткање. Откако ќе го поминете мостот внимателно со деца: патеката се вкрстува со пругата. За кратко започнува угорнина и се движиме кон манастирот Св. Илија – место каде што може да ги дополните вашите резерви со вода и да земете здив – во кругот на манастирот има неколку дрвени маси и клупи каде може да се одморите и засолните. Од манастирот Св. Илија до село Карабуниште се движиме по земјен пат низ прекрасна шума и по приближно 2 км пристигнуваме на целта.
За крај: доколку патеката ја одите во летниот период, с. Кожле изобилува со диви смокви – најдобрите што сме ги вкусиле до сега!
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина:
с. Кожле – Манастир Св. Илија (4,5 км)
Манастир Св. Илија – с. Карабуниште (2 км)
с. Кожле – Манастир Пресвета Богородица (2,5 км)
- Наведените опции се вклучени во GPS линкот