Пехчевски Водопади – водопади сместени на Малешевските Планини, кај изворите на реката Брегалница, во близина на градот Пехчево. Во пределот има девет водопади, од кои всушност само два се на Брегалница, додека останатите се на Црн Дол, Љутачка Река (Ж’тачка Река) и Спиковски Андак. Највисокиот водопад е со висина од 14 м.
Спиковски Водопади
Спиковските се наоѓаат по течението на Равна Река, поточно нејзината мала притока позната како Спиковски Андак, на околу 6 км од Пехчево во правец кон границата со Бугарија. Во оваа месност се сместени два водопади. Првиот се наоѓа на околу 200 м од патот и е висок околу 2 м, додека вториот се наоѓа на околу 300 м по првиот и неговата висина е околу 7 м. Патот до водопадите започнува со дрвена врата, а потоа е обележан и содржи неколку дрвени мовчиња. Во близина на водопадите, покрај почетокот од патот, е сместена ќумурџилница. Над водопадите е сместен археолошкото наоѓалиште Градиште. Според една легенда, Пехчево долги години бил под опсада на Османлиите кои не можеле да го освојат. На местото каде што се наоѓаат водопадите порано имало испусни канали, преку кои Османлиите влегле во тврдината и со тоа успеале да го освојат градот.
Љутачки Водопади
Љутачките Водопади се сместени на истоимената река, позната и како Ж’тачка Река, во месноста позната како Валевичка Река, на неколку километри од Спиковските Водопади кон границата со Бугарија. Во овој предел има два водопади коишто се наоѓаат на надморска височина од 1.400 м.
Скокото
Скокото се наоѓа во истоимениот шумски парк, непосредно по вливот на Љутачка Река во Брегалница. Тој е висок околу 7 м и до него води пешачка патека во должина од околу 1.500 м којашто започнува од местото наречено Дебел Рид.
Црнодолски Водопад
Црнодолскиот Водопад се наоѓа на истоимената река. До него води пешачка патека долга околу 400 м. Водопадот е висок 5 м.
Во близина на водопадите се наоѓа туристичката населба Равна Река, во којашто има сместувачки капацитети и спортско-рекреативни терени.
Извор: Wikipedia
Тура
(во подготовка)
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина: