Плачковица – средновисока планина во источниот дел на Македонија. Највисока точка е врвот Лисец со височина од 1 754 м. Се издига помеѓу градот Радовиш и Струмичко-радовишката Котлина на југ и Кочанската Котлина на север, во правец северозапад-југоисток. На врвот Црквиште е израдена црквата „Св. Спиридон“.

Должината на главниот планински гребен изнесува 34 км. Со долината на Зрновска Река, планината Плачковица е поделена на два дела: источен и западен. Западниот дел е понизок со највисок врв Црквиште (1.700 м), а источниот дел на Плачковица е повисок и на него се врвовите Лисец (1.754 м), Чупино (1.725 м), Бел Камен (1.707 м), Кара Тепе (1.625 м) и други. Геолошкиот состав го чинат гранити (на исток), кристалести шкрилци, гнајсеви и тесен појас на мермери на запад. Релјефот е интересен, претставен со флувијални зарамнини (површи) во повисоките делови и страмни планински страни од раседен карактер.

Планината е расчленета со повеќе длабоки речни долини. Инаку реките кои се побројни и побогати со вода на северната страна, имаат длабоки долини и голем надолжен пад. Така, на Зрновска Река има повеќе брзаци, водопади и џиновски лонци. Во мермерните карпи има и појава на пештери. Западните и југозападните падини се голи и развиена е ерозија, додека другите делови се под шума.

На планината Плачковица се наоѓаат и три прекрасни кањони: Камник, Козјак и Зрновка во кои се наоѓаат прекрасни природни убавини како реки, водопади, преслапи, високи карпи…

За многумина кањонот Камник со својата убавина претставува Колорадо во мало. До сите кањони е обезбедена потребна инфраструктура за непречено движење (маркации, билборди, патокази, сајли, ферети и место за одмор).

Од многуте убавини кои ги нуди планината Плачковица се и пештерите кои ги има повеќе, од кои пет се испитани и достапни за посетители. Најголема од нив е Големата пештера, со испитана должина од 600 метри. Таа претставува вистински бисер со своите пештерски украси и предизвик за спелеолозите. Пештерите: Ќуп, Ајдучка, Туртел и Понор се помали, но богати со пештерски украси и се лесно достапни за посетителите и до нив водат маркирани патеки.

извор: Wikipedia

Знаменитости

(во подготовка)

Лисец 1754
Чупино 1725
Бел Камен 1707
Црквиште 1700
Кара Тепе 1625
Мамутица 1605
Туртел 1603

Активности

(во подготовка)

Планинарски патеки

Велосипедски патеки