Денес (15.03.2023), реката Вјоса во Албанија, една од последните диви реки во Европа, е прогласена за Национален парк од страна на албанската влада, со што стана првиот национален парк на диви реки во Европа.

Реката Вјоса во Албанија, една од последните диви реки во Европа, е прогласена за Национален парк од страна на албанската влада, со што стана првиот национален парк на диви реки во Европа.

Во иднина, Вјоса ќе биде зачувана како жива река што слободно тече, во корист на луѓето и природата. Ова е резултат на уникатната соработка помеѓу албанската влада, локални и меѓународни експерти, еколошки невладини организации од кампањата „Спасете го синото срце на Европа“, IUCN (Меѓународна унија за зачувување на природата) и outdoor компанијата Патагонија.

Вјоса и нејзините главни притоки течат слободно преку 400 километри, од планинскиот венец Пинд во Грција, до јадранскиот брег во Албанија. Реката и нејзините околни области се екосистеми со значителен биодиверзитет и се дом на над 1.100 видови животни, вклучувајќи 13 животински видови и два растителни видови оценети како глобално загрозени од IUCN.

Националниот парк Вјоса ги олеснува решенијата за предизвиците со кои се соочува реката како што се загадувањето на водата и земјиштето, управувањето со отпадот и уништувањето на шумите. Дополнително, Националниот парк ќе создаде економски можности за локалните заедници, преку одговорен туризам и ќе помогне во решавањето на проблемот со депопулација од областа.

Стекнувањето на IUCN Категорија II: статус на Национален парк значи дека на Вјоса ќе и биде овозможена заштита, според највисоките меѓународни стандарди, обезбедувајќи го нејзиниот еколошки интегритет, овозможувајќи да се случат природни процеси и одржувајќи ги популациите на сите автохтони видови.

Означувањето ќе се одвива во две фази, а фаза I ќе биде прогласена денес (15 март 2023 година):

  1. Во фаза I, активниот канал на реката ќе добие статус на Национален парк, плус некои земјишта и речна вегетација во рамките на активниот канал, односно предели кои се изложени на ризик од поплави или ерозија – преку 400 километри во вкупна должина. Областа ќе се управува како Национален парк и се очекува да биде целосно оперативна до почетокот на 2024 година.
  1. Фаза II, во наредните години, дополнително ќе бидат вклучени притоки и области кои се составен дел на екосистемот на реката, плус одредено приватно земјиште, по консултации со засегнатите страни.

Патагонија, IUCN и невладината кампања „Спасете го синото срце на Европа“ се ангажирани во работата за заштита на дивите реки на Балканскиот Полуостров во последните осум години. Во 2021 година, IUCN финализираше студија која покажува како примената на стандардите за заштитени области на IUCN ќе биде од корист за заедниците и биодиверзитетот на долината на реката Вјоса.

Во јуни 2022 година, албанскиот премиер Еди Рама, министерката за туризам и животна средина Мирела Кумбаро и извршниот директор на Патагонија, Рајан Гелерт, се собраа на церемонија во Тирана за да потпишат заложба заедно да го создадат Националниот парк Вјоса. Во текот на последните девет месеци, обемна теренска работа и длабинска анализа беше спроведена од тим од над 30 локални и меѓународни експерти во области како што се еко-туризмот, геоморфологијата, екологијата, планирањето и управувањето со заштитените подрачја, одржливото финансирање на националните паркови , законодавството и проценката на влијанието на социјалната и животната средина. Консултациите со интересните групи, како и јавната комуникација, исто така се инкорпорирани во процесот. Во исто време, албанската влада започнува заеднички процес со грчката влада за создавање на прекуграничниот парк, со цел за највисоко ниво на заштита за целата река, од извор до море, низ двете земји.

Мирела Кумбаро Фурџи, министерка за туризам и животна средина, Албанија: „Вјоса е симбол на човековата историја и исто така многу важен дел од историјата на нашата земја. Можеби Албанија нема моќ да го промени светот, но може да создаде успешна модели за заштита на биолошката разновидност и природните добра и ние сме горди да го објавиме создавањето на овој прв Национален парк на една од последните диви реки во Европа. Албанската влада донесе храбра одлука да создаде Национален парк од 12.727 хектари, вклучувајќи ја и 190 километри долгата река Вјоса, каде со векови живееле над 60.000 луѓе.

„Сега започнува нова фаза – таа на изготвување на планот за управување за да им се даде можност на луѓето да ги градат своите животи на одржлив начин. Ова е нашата визија: одржлив и еколошки одговорен развој, кој ја штити биолошката разновидност и им дава можност на луѓето да напредуваат во нивните татковини“.

Рајан Гелерт, извршен директор, Патагонија: „Оваа уникатна соработка помеѓу владата, граѓанското општество и бизнисот е доказ за моќта на колективното дејствување и се надеваме дека ќе ги инспирира другите да се здружат за да ги заштитат дивите места што ги оставивме, на смислен начин. Стоејќи на брегот на Вјоса денес, понизни сме кога знаеме дека оваа исклучителна река и нејзиниот див свет ќе бидат зачувани засекогаш“.

Борис Ерг, директор, Европската регионална канцеларија, IUCN: „Денес означуваме пресвртница за луѓето и биолошката разновидност на Албанија. IUCN ја поздравува Владата на Албанија за нивното лидерство и амбиција и е подготвена да го поддржи спроведувањето на одлуката за назначување на националниот парк Вјоса. Ги покануваме другите влади во регионот и пошироко да покажат слична амбиција и да помогнат да се достигне виталната цел за заштита на 30 проценти од планетата до 2030 година“.

За крај – за сите авантуристи кои ќе одлучат да го посетат овој прекрасен регион во прилог испробана кајак рута на реката Вјоса во должина од 100-тина километри.

© turnimedakinisam.mk