6 чекори до перфектен избор на планинарски чевли за деца

Планинарските обувки се еднакво важни за децата како и за возрасните. Во овој текст нудиме неколку совети за избор на детски планинарски чевли.

Децата често сакаат да бидат како возрасните. Ова исто така важи и за опремата за млади ентузијасти на отворено. Возрасните одат на планина со квалитетни обувки, па зошто децата би оделе со светкави чевли кои се опасност дури и на улица?

Детските чевли за планинарење мора совршено да одговараат на стапалото, за детцата непречено да бидат дел од сите планинарски авантури.

Како да се одберат детски планинарски чевли?

  1. Одредете ја вистинската големина

„Тајната на напредувањето е да се направи првиот чекор“, вели американскиот писател Марк Твен. Но, ако првиот чекор на планинарење е непријатен, радоста брзо исчезнува. Овде децата и родителите се еднакви. Никој не сака да биде надвор и наоколу во планинарски чизми кои се неудобни или се премногу широки. Затоа е важно да се одреди точната големина.

Кога родителите ги прашуваат своите деца дали чевелите им се точни, тие често добиваат само колеблив одговор или „не знам.“ Причина: нервниот систем на стапалата сè уште не е зрел, децата едноставно не чувствуваат кога чевелот е неудобен.

Методот на маркирање на стапалото на ѕид помага да се одреди големината на чевлите во домашни услови. Можете да го ставите стапалото на детето на лист хартија на ѕидот и да ја означите средината на петицата и најдолгата точка на прстите. Растојанието помеѓу овие точки одговара на должината на стапалото.

Потоа можете да ја споредите измерената вредност со табелите за големини на производителот.

Истражувачкиот тим „Детски стапала-детски чевли“ ја дефинираше оптималната големина на детски чевли: 12 до 17 мм повеќе од должината на стапалото. Детските чевли не треба да бидат помали, но не треба да бидат ниту преголеми. Особено кога станува збор за поскапи планинарски чевли, децата често се забележуваат во чевли кои се премногу големи. Причината е дека малечките пребрзо ги надраснуваат своите чевли. Па затоа, еден или два броја поголеми за децата можат да ги носат чевелите подолго.

Но: преголемите чевли тешко овозможуваат соодветно газење на стапалото и постои ризик од извртување или сопнување.

За децата да не се лизгаат премногу напред-назад во преголемите чевли, децата често мора да облечат уште еден или два пара чорапи. Истото важи и за возрасните. Вториот пар чорапи не обезбедува оптимална поддршка во чевелот и ризикот од исчашување или сопнување е уште поголем. Може да настане триење, кое по одредено време може да стане многу непријатно, што значи дека забавата брзо исчезнува!

  1. И ширината на обувките мора да биде оптимална

Разликите не се само во големината на чевелот, туку и во ширината на обувките. На широките детски стапала им е потребен соодветен поширок калап на чевел – ако чевелот е премногу тесен, предизвикува триење и болка при притисок.

Спротивно на тоа, тесните стапала кај чевлите кои се премногу широки или премногу високи исто така може да доведат до проблеми: покрај лошото згазнување со стапалото, може да има и погрешни позиции и абење на зглобната ‘рскавица. Чевли со преголем волумен може да доведат и до воспаление.

  1. Важен е ѓонот на детскиот чевел

Дури и на семејни тури, на некои места може да има ризик од лизгање. Корените се протегаат низ пешачката патека, како и влажни камења или карпи кои се опасно мазни и лизгави. Сигурниот терен е исклучително важен во планините. Овде ќе помогнат само трекинг стапчиња и планинарски чевли со ѓон што не се лизга. Ова важи и за возрасни и за деца.

Нелизгачкиот ѓон е од големо значење за детската планинарска обувка, бидејќи многукратно го намалува ризикот од лизгање. И децата често трчаат без да размислуваат дали површината е опасна или лизгава. Дури и кога пешачите по каллива или влажна почва, ѓонот со добар грип може да спречи повреди или пролизгувања.

  1. Чевли кои не пропуштаат вода? Прашањето за мембраната

Сè уште има дискусии за тоа дали планинарските чевли со мембрана се добри или не. Во еден поглед децата се пред возрасните. Дишењето на стапалото (сè уште) не игра толку голема улога кај нив. Бидејќи децата особено сакаат да одат низ кал и барички, мембраната кај чевлите на децата има совршена смисла. Освен тоа, децата сè уште немаат проблем со потењето како возрасните.

  1. Планинарски чевли = планинарски чизми?

За многу родители и љубители на планинарење, планинарските чевли и планинарските чизми се едно исто. Пешачкиот чевел може да се користи на различни начини благодарение на неговата ниска оска. Планинарските чевли може да се облечат и во градинка или училиште – вистинска сеопфатна употреба.

Од друга страна, планинарската чизма со повисокото вратило им нуди на младите алпинисти голема сигурност во планините. Со нив може да се совладаат планинските тури и via ferrata турите. Пред да купите, има смисла да размислите каде децата главно ги носат чевлите.

  1. Материјално прашање: кожа или синтетика?

Некои родители се во недоумица кога го избираат материјалот за планинарските чевли за нивните деца. Од каков материјал треба да биде горниот дел на планинарските чевли? Моделите со повеќе платно или текстил се флексибилни и значително полесни. Предноста на детскиот чевел со кожен горен дел е неговата издржливост и робустност. Кога станува збор за нега, постои разлика помеѓу целосни кожни чевли и планинарски чевли со многу платнени делови.

Пред да го направите финалниот избор, важно е да знаете каде и колку често децата ќе ги носат чевлите.

Висококвалитетни чевли за планинарење изработени од кожа можеби не се најпогодни за истите да се носат и на игралиштето. Додека, пак, ултра лесните, воздушни чевли на отворено ги исполнуваат условите за една целодневна планинска тура.

СУМА СУМАРУМ

Нашето искуство со детски планинарски чевли е прилично големо, имајќи го предвид фактот дека секоја година сме приморани да набавуваме нови чевли бидејќи малолетната половина на Турнимедакинисам секоја година (па и почесто) ги надраснуваше постоечките чевли. Подолу ќе издвоиме само неколку модели со кои што имаме навистина позитивно искуство:

Boreal Aspen (повеќе-сезонски планинарски чевли)

  • Вибрам ѓон
  • Комбинација од кожа и синтетички материјали

Boreal – еден од легендарните планинарски брендови посебно во делот на изработка на чевли за спортско качување. Во неколку наврати имавме среќа да го поседуваме овој модел на чевли со кои бевме прилично задоволни. Совршен грип на Вибрам ѓонот, идеална мембрана која не пропушта вода и прилично лесни и удобни, имајќи го во предвид фактот дека во поголем дел се изработени од кожа. Топло ги препорачуваме за сите дечиња со сериозни планинарски амбиции.

La Sportiva Hyper GTX (повеќе-сезонски ниски планинарски чевли)

  • Вибрам ѓон
  • Комбинација од кожа и синтетички материјали
  • Горетекс мембрана

La Sportiva – еден од најшмекерските брендови во планинарската заедница. Иако е прилично скап бренд, според наше мислење, не кај сите модели го оправдува квалитетот и значењето на брендот. Но кај моделот Hyper GTX – едноставно му нема рамен. Со задоволство ги носиме на полесни трекинг тури. Совршен грип на Вибрам ѓонот, идеална мембрана која не пропушта вода и прилично лесни и удобни.

North Face Mcmurdo (зимски планинарски чизми)

North Face е познат американски outdoor бренд и во последно време присутен на македонскиот пазар. Доколку планирате зимски тури со многу снег и влага, во тој случај единствена гаранција за суви и топли нозе претставува овој модел на чевли.

© turnimedakinisam.mk