Прашањето кое најчесто го добиваме од нашите пријатели и познаници во однос на совети за опрема: Какви планинарски чевли да купам? Кој е Вашиот предлог?
Најлесниот одговор без да фаворизираме одреден бренд: Купете било какви, само да имаат Vibram ѓон и нема да погрешите…
Како и во многу други области во животот, често мора да се случи сериозна несреќа пред сериозно да се размислува за прецизно решение. Кога станува збор за планинарските чевли, едно од нашите најважни парчиња планинарска опрема, тоа беше несреќата во 1935 година: шест планинари загинаа на италијанските Алпи поради лошите планинарски чевли – поточно ѓонови. Еторе Кастиљони и Витале Брамани, кој подоцна се овековечи со своите иницијали во брендот Vibram, по несреќата започнаа да работат на гумен ѓон кој не се лизга – заедно со производителот на гуми Pirelli. Во 1937 година поднеле барање за патент за спортски ѓон. Дури и денес, речиси 86 години подоцна, ѓонот со жолтото лого Vibram се смета за мерило за првокласни планинарски чевли. Во ценовниот опсег од 300 Евра, планинарските чевли без ѓон Vibram остануваат практично неатрактивни за повеќето спортисти.
Но дали доминацијата на Vibram спортските ѓонови на пазарот на планинарски чевли е целосно оправдана. Дали останатите спортски ѓонови кои ги произведуваат и развиваат самите производители или пак се независни брендови, навистина толку многу заостануваат зад Vibram?
Додека Vibram е сè уште неприкосновен лидер на пазарот ширум светот за високи планинарски чевли компатибилни со крампон, сè повеќе етаблирани брендови за чевли за пешачење, Approach и треил ранинг работат заедно со други производители на гуми: Salewa со Michelin, Adidas со Continental и Stealth, Puma со Goodyear – само за да именуваме неколку.
Да ја разгледаме моменталната ситуација со познатите брендови – производители на планинарски чевли.
SALEWA
Познатиот бренд со италијански и германски корени во сопственост на Обералп Групацијата (www.oberalp.com) користи повеќе типови на спортски ѓонови во своето големо портфолио на планинарски чевли. Иако во минатото, Salewa на големо експериментираше со Michelin спортски ѓонови посебно кај Approach чевлите, во поново време Salewa ги користи Vibram спортските ѓонови кај планинарските чевли од B, C и D категорија, додека Approach и спид хајкинг чевлите ги користат спортските ѓонови на Pomoca (познатиот швајцарски производител на турно кожи преземен од Обералп Групацијата во 2011 година).
LA SPORTIVA
Уште еден омилен планинарски бренд од Италија основан во далечната 1928 година. Слично на Salewa, La Sportiva ги користи Vibram спортските ѓонови кај планинарските чевли од B, C и D категорија, но кај останатите полесни спортски чевли, вклучувајќи ги и чевлите за спортско качување, La Sportiva развива сопствен бренд на спортски ѓон – FriXion кој е сериозно посакуван избор кај многу спортисти.
SCARPA
Италијански гигант основан 1938 година кој се фокусира единствено на производство на планинарски и турно чевли, спортски патики и патики за спортско качување. Scarpa за разлика од останатите, соработува единствено со Vibram за целото портфолио на спортски чевли, вклучувајќи планинарските чевли од B, C и D категорија, Approach и спид хајкинг, траил ранинг и чевли за спортско качување.
BOREAL
Иако не толку познат бренд на овие простори, Boreal зазема посебно специјално место во заедницата на спортско качување и изработка на чевли за спортско качување. Boreal е основан во Шпанија во 1975 година и основна карактеристика на овој производител претставува непроменливоста и децениското опстојување на неколку врвни модели на планинарски чевли, со посебен акцент на развојната компонента на спортски ѓонови. Сепак на мал дел од трекинг чевлите Boreal употребува Vibram спортски ѓонови.
MAMMUT
Кога веќе станува збор за традиција, компанијата Raichle е основана 1909 година во Швајцарија како производител на планинарски чевли. Во 1995 година е преземена од страна на Kneissl, додека во 2003 година станува дел од портфолиото на познатиот швајцарски бренд Mammut. Raichle долго време експериментира со развој на сопствен спортски ѓон Gripex каде е прилично успешен и општо прифатен од планинарската заедница. Но во поново време, почнувајќи од 2009 година кога брендот Raichle целосно се брише на сметка на Mammut, целото портфолио на Mammut чевлите за базира на Vibram спортските ѓонови.
SALOMON
Основана во Франција 1947 година во срцето на Француските Алпи, групацијата во 2019 година станува дел од кинеската ANTA Sports. Иако сериозно го губи пазарниот удел во делот на планинарски чевли во последниве години поради недостаток на модели и стратегија, сепак серијата Speedcross е прилично посакувана треил ранинг патика во треил ран заедницата. Во овој дел, Salomon сериозно развива сопствен бренд на спортски ѓон – Contagrip, чии што перформанси заслужено го добиваат неопходното внимание.
Остануваат уште неколку брендови за анализа: Meindl, Asolo, Garmont, но реално со нив немаме некое големо искуство.
Човек може – и мора – да се запраша зошто гигантите од производителите на гуми одеднаш се заинтересирани за малиот, алпски ѓон за чевли со многу мускули и амбиции. Зошто Michelin (нето годишен обрт над 20 милијарди евра) го става знаењето на одделот за развој со неколку илјади вработени на вагата за пазар кој е прилично незначаен во споредба со главниот бизнис со автомобилски гуми. Одговорот веројатно може да се најде во маркетингот: брендовите сакаат дополнително да ја обликуваат и зајакнат својата компетентност, што, сепак, значи и стапнување на тенок мраз. Бидејќи ако испорачаат лоши ѓонови, ова може да има лош ефект врз општиот имиџ на компанијата.
За нас потрошувачите динамиката може да биде само позитивна. Врвниот бренд, како Vibram во овој случај, несомнено ја заслужи својата позиција преку квалитетот на производот. Но, доминацијата на пазарот ретко беше поттик за континуирана иновација на производот. Во овој поглед, можеме да бидеме среќни кога новите пазарни учесници ќе го зголемат притисокот. На долг рок, сите овие развојни производи треба да го направат планинарењето уште попријатно.
© turnimedakinisam.mk